Норвешкиот институт за јавно здравје (ФХИ) соопшти дека фармацевтската компанија Фајзер привремено ќе ги намали пратките со својата вакцина против Ковид-19 во Норвешка и во Европа.
Во соопштението на ФХИ се наведува дека Фајзер сака да ги надгради своите производствени капацитети од 1,3 милијарди дози на две милијарди дози вакцини годишно.
– Очекувавме да добиеме 43.875 дози вакцини од Фајзер, но најверојатно ќе ни бидат доставени 36.075 дози, се посочува во соопштението од ФХИ.
Oва привремено намалување ќе влијае на сите европски земји. Нејасно е колку време ќе и биде потребно на компанијата за целосно зголемување на производствените капацитети.
Фајзер соопшти дека прави измени во процесот за кои е потребна дополнителна дозвола од регулаторите. Иако овој привремен пад ќе влијае на испораките кон крајот на јануари до почетокот на февруари, значително зголемување на достапните дози за пациентите ќе се обезбеди кон крајот на февруари и март, се вели во соопштението на компанијата.