Европската агенција за лекови (ЕМА) почна со оценување на барањето на германската фармацевтска компанија БиоНТек и американската лабораторија Фајзер за одобрување на употребата на нивната вакцина против Ковид-19 кај деца на возраст од 12 до 15 години.
ЕМА ќе изврши забрзана проценка на податоците, доставени од Фајзер и БиоНТек, а се очекува одлуката да биде донесена во јуни, во случај да не им бидат потребни дополнителни информации.
Според податоците на производителите, вакцината е 100 отсто ефикасна кај децата.
Спроведено е истражување во кое учествувале 2.000 адолесценти, во кое се покажало дека вакцината е безбедна и ефикасна. Децата ќе продолжат да бидат набљудувани уште две години, со цел долгорочна заштита и безбедност.
Вакцината на Фајзер и БиоНТек во моментов е одобрена за употреба во Европската унија кај лица на возраст над 16 години.
Повеќето вакцини против коронавирусот кои ги одобриле властите низ светот се наменети за возрасни кои се во поголема опасност, но здравствените власти веруваат дека вакцинирањето на децата од сите возрасни групи ќе биде пресудно за спречување на пандемијата.