Америка извршила воено злосторство со нападот врз училиште во Иран, тврди ОН

Од:

Мисијата на Обединетите нации за утврдување на фактите за Иран соопшти дека има разумни основи да верува дека американските сили во февруари извршиле два воени напади врз училиште и спортски објект во Иран, оценувајќи дека нападите претставуваат воени злосторства.

Истовремено, независната меѓународна мисија утврдила дека иранските власти извршиле злосторства против човештвото во текот на задушувањето на антивладините протести што започнаа кон крајот на декември.

Наодите се содржани во новиот извештај на Мисијата, кој треба да биде претставен пред Советот на ОН за човекови права во Женева. Извештајот се однесува на дејствувањето на САД во војната со Иран, која започна во февруари, како и на одговорот на иранските власти на протестите што се проширија низ земјата.

Американските власти претходно соопштија дека воените операции биле спроведени во согласност со правилата на меѓународното хуманитарно право. Иран, пак, континуирано ги отфрла обвинувањата за систематско кршење на човековите права.

Според експертите на ОН, постојат разумни основи да се верува дека американските сили стојат зад нападот врз основното училиште „Шаџарех Тајебех“ во градот Минаб. Според ирански официјални лица, во нападот загинале повеќе од 150 лица, меѓу кои околу 120 ученици.

Мисијата оценила дека нападот бил неселективен и довел до смрт на цивили и оштетување на цивилна инфраструктура, што според меѓународното право претставува воено злосторство.

Во извештајот се наведува дека САД се потпирале на разузнавачки информации според кои на локацијата се наоѓал висок ирански воен командант, но не ги провериле соодветно информациите пред нападот. Истражителите оцениле дека пропустот да се ажурираат разузнавачките податоци за целта и да се потврди дека објектот претставува воена цел бил повеќе од обична небрежност.

„Напротив, САД го насочиле нападот кон училишната зграда иако биле свесни за значителниот ризик дека ќе биде погоден цивилен објект, постапувајќи крајно непромислено во однос на можноста тоа да се случи“, се наведува во извештајот.

Експертите на ОН утврдиле дека училиштето било јасно препознатлив цивилен објект и дека не пронашле докази оти се користело за воени цели.

Сличен заклучок Мисијата донела и за нападот врз спортскиот центар во Ламерд. Во нападот биле оштетени и околните станбени објекти и училиште, а биле убиени и повредени 22 цивили. Според Мисијата, и овој напад бил неселективен и претставувал воено злосторство.

Американската Централна команда во март соопшти дека американските сили тој ден не извршиле напади врз градот Ламерд.

Во однос на протестите, истрагата на Мисијата на ОН утврдила дека иранските власти спровеле широк и систематски напад врз цивили, вклучувајќи незаконски убиства, тортура, произволни апсења, присилни исчезнувања и сериозни ограничувања на слободата на изразување.

Организациите за човекови права соопштија дека меѓу загинатите имало и случајни минувачи, за време на најголемото задушување на протести во Иран од револуцијата во 1979 година.

Иранските власти за протестите ги обвинија „терористите и безредниците“, за кои тврдат дека биле поддржани од опозиционери во егзил и од странски непријатели, меѓу кои САД и Израел.

Мисијата наведе дека не можела независно да го потврди бројот на загинати, но оценила дека бројот на жртви и повредени веројатно е значително поголем од официјално објавените податоци, според кои загинале 3.038 лица, а 25.000 биле повредени.

Според извештајот, одговорот на иранската влада на протестите, вклучително и употребата на насилство и убиства, прекинот на пристапот до интернет и примената на смртната казна, претставувал значителна ескалација во однос на претходните начини на задушување на несогласувањето.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Саудиска Арабија ја прекинува испораката на нафта за Европа

Катерина Ѓуровски

Селф: Не е исклучена можноста за распад на БиХ

Американците потврдија дека имаат оружје во вселената: „Одговор на Русија и Кина“

(ВИДЕО) Американската војска изгубила најмалку 42 летала во војната со Иран, трошоците достигнаа 29 милијарди долари

Техеран: Односите со Анкара се „специјални во секој поглед“

А1он

ВИДЕО: Што остана од клучниот саудиски нафтовод