Вилма Русковска, шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција вели дека е задоволна од пресудата за Зоран Милески – Кичеец, кој денеска беше осуден на три години затвор за случајот „Рекет“ откако ја призна вината.
„Не очекував повисока казна, со оглед на тоа што распонот е голем, од една до десет години, а дополнително тој досега не е осудуван и ја призна вината. Мислам дека е добра пресудата и дополнително ќе одлучам дали ќе вложам жалба во однос на висината на казната“, рече Русковска.
Таа не ја исклучува можноста Милески понатаму да се појави како сведок за случајот „Рекет“ по предлог на обвинителството или одбраната.
Во меѓувреме, тече и истрагата за „Меѓународниот сојуз“ како дел од „Рекет“. Во оваа истрага меѓу осомничените повторно е Бојан Јовановски како претседател на сојузот, неговиот татко Миле Јовановски, заменик-претседателката на сојузот Јасна Мандиќ, но и потпретседателката на Собранието од редовите на СДСМ, Фросина Ременски, на која ѝ беа изречени мерки на претпазливост, а партијата времено ја исклучи од функциите додека да заврши процесот.
„Во овој дел ги чекаме вештачењата од одземените мобилни телефони и компјутери“, рече Русковска.
Таа одби да одговори во какво својство била судијката од Кривичниот суд, Весна Димишкова во Обвинителството за гонење организиран криминал минатиот месец. Димишкова во обвинителството се појави на 20 ноември, но не беа соопштени никакви детали, дали таа била повикана за случајот „Рекет“ и дали тоа било во својство на сведок или е осомничена.
„Нејзиното име се провлекуваше во доставени докази“, кратко одговори Русковска.
Името на Димишкова можеше да се чуе во дел од разговорите меѓу Бојан Јовановски и бизнисменот Орце Камчев, кои ги објави италијанскиот медиум „Ла Верита“. Јовановски во снимката на Камчев му вели дека треба да се почека Димишкова да видат „што ќе направи до среда“.
„Боки, ти ми кажа со Катица да пуштам барање за четврток. Ти ми кажа дека судијката ќе биде отсутна дента, дека ќе биде Реџепагиќ, да те цитирам шо зборевме ја и ти“, му вели Камчев на Јовановски.
Медиумите веќе објавија дека во записникот од пријавата за Камчев се споменуваат судијката Димишкова и нејзиниот брат Васил Димишков.
Димишкова беше судијката што на Катица Јанева ѝ даде наредба за влез во УБК, за истрагата со прислушувањето и која ја потпиша наредбата за претрес во станот на сега покојниот Коста Крпач.