Ги намалија патните трошоци, па сега преку кириите во Скопје им ги полнат џебовите на своите роднини и пријатели. Со новите одлуки на Собранието, тринаесет пратеници од внатрешноста ја искористија можноста наместо пари за патни трошоци, да добијат стан под кирија до 400 евра, плус платени сметки до 100 евра.
Истражувањето на „А1он“ покажа дека дел од нив становите ги изнајмуваат од роднини и пријатели, а за дел постојат сомнежи дали воопшто живеат во становите што ги плаќа државата.
Ане Лашкоска од Прилеп е пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ осум години. Од ноември минатата година, со новите одлуки на Собранието, таа е една од оние што ја искористи можноста да добие стан под кирија.
Ова е зградата во скопската населба Аеродром, кој го изнајмува Лашкоска – станот од 65 квадратни метри се води на Марија Келтаноска, сестра на снаата на Лашкоска.
Кога „А1он“ го посети станот, вратата ни ја отвори сопственичката Келтаноска, која рече дека во својот стан е дојдена на гости, а дека тука всушност живее пратеничката.
„Тука живее Ане Лашкоска. Моментално е на работа, јас сум ѝ братучетка. Приватна работа е дали јас ѝ го изнајмувам станот, не можам да ви го кажам тоа. Не го плаќа државата, тоа се приватни работи. Јас сум моментално на гости тука и не можам ништо да ви кажам, ја знаете Ане, слободно обратете ѝ се“, рече Келтаноска и ни ја затвори вратата.
Во телефонска изјава пратеничката Лашкоска вели дека нема ништо спорно во тоа што изнајмува стан од свои роднини.
„Немаше критериум за избор на станот. Од Собранието ни кажаа да си најдеме станови под кирија, јас ги познавам луѓето што го издаваат станот и им се обратив ним. Кого ќе најдете дома во мојот стан, не е воопшто битно и не треба никого да го интересира“, вели Лашкоска.
Од истите газди како Лашкоска стан изнајмува и пратеничката од Битола, Лилјана Затуроска, од ВМРО-ДПМНЕ. Таа има стан во Скопје, пријавен во антикорупциската комисија, но вели дека таму живее нејзиниот син, па затоа се одлучила да изнајмува стан што ќе ѝ го плаќа Собранието. Изнајмениот стан на Затуроска се наоѓа во скопската населба Кисела Вода. Сопственичка на станот е Елена Келтаноска-Лашкоска, снаа на нејзината сопартијка Ане Лашкоска.
Ова значи дека двете сопартијки Затуроска и Лашкоска изнајмуваат стан од исто семејство, кое добива 800 евра од Собранието за месечни кирии на двете пратенички.
„Не можев да најдам соодветен стан што ми одговара. Временскиот период беше кус и требаше бргу да се реагира затоа што не сакав да патувам. Не сакав повеќе да бидам изложена на критики од страна на јавноста дека земам којзнае колку пари за патарини. Законот не сум го прекршила“, изјави Затуроска за „А1он“.
Поради, како што вели, критики од јавноста за земените патни трошоци, стан платен од Собранието користи и пратеничката Магдалена Манаскова од ВМРО-ДПМНЕ. Според имотниот лист, сопственичка на изнајмениот стан е Маја Ангеловска-Панова, сестра на сопругот на Манаскова.
„Нe можеш да бараш стан по оглас. Мораш да најдеш некој близок за да изнајмиш. Не ми го изнајмува станот Маја Ангеловска-Панова, туку блиска личност. Јас бев возменирена од вашето доаѓање. Некој да доаѓа на мојата врата – тоа ми влијае на квалитетот на живот. Адресата на живеење е приватен податок“, рече Манаскова за „А1он“.
За пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Лилјана Кузмановска, Собранието плаќа максимално дозволени 400 евра за стан од 39 квадратни метри во центарот на Скопје.
Кети Смилеска, пратеничка од СДСМ од Битола, пак, станот го изнајмува од својот сопартиец и поранешен пратеник, Менде Диневски. Станот во центарот на Скопје од 40-ина квадрати Собранието го плаќа 400 евра.
„Вие имате некакви критериуми за јас да одберам? Го избрав, бидејќи ми беше најблиску до Собрание. Точно е дека го изнајмив од експратеникот Менде Диневски. Ако се е законски, не знам што е спорно. Веројатно, кога ќе видат дека максимум е 400 евра за кирија, тогаш толку и ќе побараат. И не е убаво да им одите на врата на пратениците, реагираат и сопствениците на становите“, ни изјави Смилеска.
Само двајца од тринаесетте пратеници изнајмуваат станови за помалку од 400 евра – останатите ја користат целосната привилегија и изнајмуваат станови за максималната сума.