Македонската фудбалска репрезентација вечерва ја избори една од најголемите победи во својата историја, откако со 1:2 ја совлада големата Германија на гостински терен во Дуизбург, во рамките на квалификациите за Светското првенство во Катар.
Очекувано, домаќинот имаше иницијатива во текот на целиот натпревар и создаде неколку големи шанси, но Македонија многу подобро ги реализираше своите, поведувајќи со голот на капитенот Пандев во втората минута од судиското продолжение на првиот дел.
Второто полувреме Германија го почна со фронтален напад и „опсада“ на голот на Столе Димитриевски, а израмнувањето кое го бараа домаќините стигна од белата точка во 63 минута, откако Сане беше фаулиран во нашиот шенаесетник, а Гундоган погоди за 1:1.
Германските напади продолжија и по израмнувачкиот погодок, а фудбалерите на трикратниот европски и четирикратниот светски шампион играа се понервозно, додека македонските фудбалери ја чекаа шансата од контранапади.
Првата посериозна таква шанса нашите веднаш ја претворија во гол, кој на крајот се покажа како победнички – на асистенција на Адеми, Елмас стрелаше прецизно во 86 минута, за големата победа, изборена во „германски“ стил, со погодоци во самиот финиш на полувремето и натпреварот.
Македонската репрезентација по три одиграни натпревари е на вторто место на табелата во квалификациската група со шест освоени бода. ерменија е лидер со девет.