Тренерот на Јувентус, Масимилиано Алегри изјави дека Кристијано Роналдо е најдобриот фудбалер во светот, како и дека дуелот со Милан за Суперкупот ќе биде подготовка за елиминациската фаза во Лигата на шампионите. Двата тима ќе се соочат еден против друг во Џеда, во среда од 18,30 часот по македонско време.
Марио Манџукиќ, Хуан Куадрадо, Андреа Барзали и Меди Бенатија се аут од составот, но Жоао Кансело се враќа по повредата на глуждот.
– Еден од Федерико Бернардески и Даглас Коста ќе започне, заедно со Пауло Дибала и Кристијано Роналдо. Нашата првична идеја беше да започнеме со Марио Манџукиќ, но тоа не може да се случи, потврди Алегри на пресконференцијата пред мечот.
Јувентус нема најдобри резултати во натпреварите за Суперкупот, откако има два порази во последните две финалиња.
– Тешко е да се објасни зошто не можеме да го освоиме овој трофеј. Нашите два порази беа по пенали. Се надевам дека утре ќе биде поинаку и че бидеме поконцентрирани. Не делат 22 поени од Милан, но тоа нема да биде важно тука. Пред нас е важен тест. Мојата голема надеж е дека мечот нема да оди во продолженија, туку ќе ја завршиме работата во регуларниот дел. Ова ќе биде одличен тест за натпреварите во Лигата на шампионите против Атлетико Мадрид, продолжи тој.
Натпреварот со Милан се јавува како прва можност за Роналдо да освои трофеј со екипата на „бјанконерите“.
– Роналдо е подготвен да освои трофеј. Тој освои четири ЛШ во последните пет турнири и многу други трофеи. Роналдо е најдобриот фудбалер во светот, и ова е бонус за нас, рече тренерот на тимот од Торино.
Тој потоа го прокоментира и Гонзало Игуаин, за кого не е сигурно дали ќе настапиво утрешниот меч, предвид престојниот трансфер во Челзи.
– Очекувам Игуаин да е целосно концентриран, гладен да постигне многу голови. Неговото претставување секогаш е солидно, па знам што да очекувам од него. Имаме голема почит кон Милан. Треба добро да се браниме. За пример можам да ги дадам последните наши 20 минути против Рома, кога се браневме феноменално, заврши Алегри.