Аеродромци гневни на одлуката на КФМ: Правдата ќе ја бараме на суд!

Од:

Кошаркарскиот клуб МЗТ – Скопје гневно реагира по одлуката на КФМ за поништување на сезоната 2019/20 без прогласување на македонски шампион.

Од клубот соопштија дека одлуката не ги изненадила, знаејќи под какви притисоци и закани биле прво клубовите, а потоа и членовите на Управниот одбор, кои морале по неколку пати да се изјаснуваат само за да го изгласаат тоа што го посакувал Антиќ со своите „партнери“.

„ Одборниците беа ставени пред свршен чин, да гласаат само за еден предлог, наметнат со претходно сомнително гласање на кое беше прогласена победа со само 40 отсто од гласовите на присутните, а меѓу кои имаше и луѓе кои немаа било каква формална конекција со клубовите кои ги претставуваа. На членовите на УО им благодариме на првичната поддршка со 13 од 16 можни гласа и за реалното размислување, кога од нив беше барано слободно да дадат мислење, а не само да гласаат за наметнато решение. Само се надеваме дека и тие сфатија со кого соработуваат, поради што очекуваме во најбрзо време и нивни оставки, како морален чин поради деспотскиот однос на првиот меѓу еднаквите во нивното друштво“, стои во реакцијата на МЗТ.

Барањето за вреднување на нивните резултати ќе го пренасочат кон судот, откако тоа не е прифатено од раководството на КФМ, тврдат од клубот.

Како што стои во соопштението, тие ќе побараат надлежните органи да ја прегледаат работата на КФМ, со цел да се види дали се работи за злоупотреба на должноста како и дали постојат други „небулози и сомнителни работи“ за кои тие веќе се запознаени.

„ Ако треба, во договор со нашиот адвокатски тим, ќе поднесеме и кривични пријави, со цел правдината да излезе на виделина, особено во делот како пласманот во Првата лига е поништен, а пласманот во Втората лига е валиден, што само по себе е небулозно и правно неиздржано“, велат од МЗТ.

Од клубот ќе бараат да им бидат вратени сите пари кои ги уплатиле на сметката на федерацијата за последната сезона и вооедно ги повикаа сите останати клубови да им се приклучат кон нивното барање за враќање на средствата.

„ Перо Антиќ и неговите соработници повеќе не постојат за МЗТ Скопје Аеродром. Тие дојдоа на власт со мотото „спортот на спортистите“, но сѐ што направија досега е да ги заштитат сопствените и интересите на малата група која е собрана околу нив, а со која ги врзуваат не само спортските конекции. Ова е само загубена битка, но војната продолжува, во која „противникот“ има повеќе да загуби од нас, бидејќи ние сме тие што создаваме играчи, а КФМ е само организатор на првенства со наши пари“, додаваат Аеродромци во соопштението.

Би можело да ве интересира

Српските кошаркари против Литванија во финалето на Европското првенство во Ерусалим

Лекарот на српската репрезентацијата објасни зошто му е изваден бубрег на Симаниќ

Горан Наумовски

Летонските кошаркари направија изненадување и ја победија Шпанија на Мундобаскетот

Франција е елиминирана од Светското првенство во кошарка

Евролига: Макаби има нов центар

Предраг Петровиќ

Теодосиќ ќе го облече дресот на Црвена звезда

Предраг Петровиќ