10 причини зошто да гледаме фудбал на Олимписките игри

Од:

На олимпискиот фудбалски турнир нема притисоци, голови паѓаат како од шега, младите играчи сакаат да се афирмираат, а сето тоа е спакувано во целофан на безгрижност и забава. Нема сомнеж дека фудбалерките и фудбалерите ќе ни приредат спектакуларен олимписки турнир во Лондон.

Фудбалот на Олимписките игри за многумина е зло без кое не се може – на прв поглед тоа е неважен турнир кој големите ѕвезди го избегнуваат и кој на крајот не носи ништо освен лично задоволство на освојувачите на медал. А тоа, во модерниот фудбал воопшто не е популарно, бидејќи главно е добро да се заработи.

Токму фудбалот е единствен спорт за кој може лесно да се најде влезница кога се во прашање Олимписките игри. Организаторите објавија дека во меѓувреме повлекле контингент од 500.000 влезници за многу натпревари и го намалиле капацитетот на Милениум во Кардиф, Хампден парк во Глазгов, како и на Вембли. Но, фудбалските фанови се радуваат во овој момент, а ви објавуваме десет причини зошто треба да се радувате.

Олимпискиот дух е дел од фудбалот

Фудбалот е еден од најстарите спортови на Игрите. Историјата вели дека токму победниците на ОИ биле сметани за најдобри во светот, со оглед дека првото Светско првенство се одиграло во 1930 година, Олимписките игри се важен дел од историјата на фудбалот.

Таму на дело првпат ги видовме моќните Уругвајци во 20-тите и 30-тите години, победата на Италија во Берлин и поразот на Германија пред очите на Хитлер од Норвешка, раѓањето на унгарската лесна коњица и нивната доминација, единствен голем наслов кој го освоија Советскиот Сојуз, Југославија и Источна Германија, земји кои денес не постојат, успесите на африканскиот фудбал… И натаму мислите дека на фудбалот не му е местото на ОИ?

Младите фудбалери на врвот

ФИФА никогаш не дозволи Игрите да добијат важност каква што има СП, па на почетокот забрануваа настап на играчите кои веќе играле на СП, а во 1992 година стапи правото У23+3. Така ОИ станаа вистински полигон за докажување на младите фудбалери, а така ќе биде и оваа сезона.

Трибините можеби нема да бидат исполнети со навивачи, меѓутоа скаутите и менаџерите ќе ги залепат своите носеви на излогот како деца пред божикни продавници. Комбинација на големи таленти од фудбалската фела, на целосно непознати но потенцијално квалитетни играчи од мали земји, сето тоа ќе биде зачинето со неколку искусни ѕвезди. Нам ни звучи добро.

Голови како на лента

Сите го фалевме ЕУРО 2012 на кое имаше малку реми натпревари без голови и во кое се играше офанзивно. Фактот дека олимпискиот турнир нема преголема важност во фудбалскиот свет, носи и позитивна страна, сите напаѓаат и играат отворено. Притисок нема, па голови се нижат како на лента.

Во Пекинг имаше 75 гола на 32 натпревари (2,34 по натпревар), во Атина дури 101 гол (3,16 по натрпевар), а интересно е дека во Лондон нема да играат бранителите на титулата Аргентинците. И девојките се исто така силни, по 2,64 гола по натпревар во 2008 година, а четири години порано давале по 2,75 гола по натпревар.

Девојките на дело

И додека машкиот фудбал е ограничен со разни правила за настапот на играчите, женскиот фудбал го нема тој проблем и Олимписките игри имаат речиси еднаков третман како и Светското првенство. Тоа значи дека ова лето ќе го гледаме кремот на женски фудбал во Британија.

Секогаш силниот Бразил предводен од Марта, актуелните светски шампионки Јапонките кои имаат дури 18 фудбалерки, традиционално добрите Американки и Швеѓанките, новата сила во женски фудбал Франција, како и домаќинот Велика Британија, сите се надеваат на злато, па конкуренцијата ќе биде подобра од машкиот дел на турнирот.

Да, на скептиците кои велат дека женскиот фудбал не е вистински, им порачуваме барем еднаш да погледнат што знаат фудбалерките.

Бразилците во потера по злато

Досега Бразилците никогаш не освоиле златен медал на ОИ и овој пат работата ја сфатија сериозно. Тимот го води Мано Менез од селекцијата А, а главна улога игра Неимар кој порача дека без злато не се враќа дома. Тука се и Хулк и Тиаго Силва, како и уште некои големи ѕвезди на европскиот и јужноамериканскиот фудбал. Весело!

Тики-така, повторно

Ова е фудбалско подземје, па никој нема да не заморува со стручни анализи колку Шпанија е здодевна, ростерот на Фуријата изгледа одлично: Де Геа, Чави Мартинез, Жорди Алба, Алмуња, Мата, Тело… Шпанија доминира во светскиот фудбал, тие се прваци во Европа и светот, во младинските категории речиси е исто, а злато на Игрите е нов предизвик. Тики-така верзијата на У-23.

Велика Британија, сега и којзнае кога?

Иако се форсира политички коректното име Тим ГБ, јасно е дека ова за првпат по 1960 година е репрезентацијата на Велика Британија. Овие ќе бидат девети Игри за оваа земја, а многу веројатно и последни, фудбалот во Велика Британија е поделен и ова е една од ретките шанси да видиме како Британија делува заедно. Стјуарт Пирс собра солидни момчиња, додуша без Шкотланѓани и Ирци и ова е буквално историски настап на неговата селекција.

Уругвајците на патот на старата слава

Во Уругвај денес истакнуваат дека титулата прваци на светот ја освоиле четирипати, два пати на СП и два пати на ОИ пред основање на Мундијалот. Првенството во Јужна Африка означи враќање на патеките на стара слава за Ла Селест, доказ за тоа е освојувањето на Купот на Америка, а ОИ во Лондон треба да дојдат како потврда на континуитетот. И нивниот состав делува импресивно, Кавани и Суарез како први ѕвезди.

Африканска бајка

Олимписките игри од почетокот на 90-тите се претворија во вистинска бајка за африканските селекции. Почна во Барселона, каде Гана го изненади светот и освои бронза, потоа Нигерија ја претстави феноменалната златна генерација во Атланта, следеше и злато за Камерунците, а пред четири години и финале на Нигеријците. Очигледно, Африканците го носат олимпискиот дух, оваа година тоа се Египет, Мароко, Сенегал и Габон, а сите се надеваат на одличен резултат.

Лето е, ни треба фудбал!

Европското првенство одамна заврши, ни треба дневна доза на фудбал. Приказните за трансфери не се доволни, дури и се здодевни се, на фудбалските зависници им треба вистинска работа, вистински натпревар, а тоа се Олимписките игри. Ги чекаме со нетрпение!

Би можело да ве интересира

Манчестер Сити и Реал играат за полуфинале во Лигата на шампионите

Словенците имаат нов највреден фудбалер – проценет на 40 милиони евра

ВИДЕО: Зад прекинот на дуелот меѓу Србија и Русија стои човек кој мислеше дека ќе се збогати

„Јас сум зависник од дрога и алкохол“

Борусија најмногу се радува на испаѓањето на Лајпциг

Предраг Петровиќ

Дани Алвеш е осуден на 4,5 години затвор

Предраг Петровиќ