Вучиќ на видео самит на лидерите на ЕУ и Западен Балкан од редовите на ЕПП

Од:

Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, учествуваше денес на видео конференција на Самитот на лидерите на Европската унија и Западен Балкан од редовите на Европската народна партија (ЕПП), на разговори околу борбата против заразна болест КОВИД-19, како и перспективите на земјите од Западен Балкан во ЕУ, соопштија од прес службата на српскиот претседател.

Како што јави допсникот на МИА од Белград, Вучиќ ги известил учесниците на Самитот за економската состојба во Србија по пандемијата со КОВИД-19, како и деталите за помошта на земјите од ЕУ и регионот која Србија ја има испратено за време на пандемијата, и воедно се заблагодарил за секој вид помош од ЕУ за Србија.

Тој, побарал отстранување на трговските бариери и заштитни мерки и квоти со нагласок на извозот на челик во ЕУ за целиот Западен Балкан, укажувајќи на европската перспектива на Србија и солидарноста во рамките на ЕПП.

-Говорејќи за незадоволството на Србија од недостаток на солидарност на почетокот на пандемијата, претседателот Вучиќ истакна дека делата се поважни од зборовите, како и дека Србија, својата припадност кон ЕУ ја покажала и со испраќање помош до земјите од ЕУ и земјите од регионот. Тој ги повика членките на ЕПП за поголема солидарност, се наведува во соопштението.

Претседателот на Европската народна партија, Доналд Туск, кажал дека го разбира гневот на некои членки поради недостигот на солидарност на ЕУ за време на пандемијата со „КОВИД-19“, но истакнал и за многуте дезинформации кои имаат за цел да не разделат.

-Ова може да се надмине само со заедничко работење, особено на Западен Балкан, кажал Туск.

Како што се наведува во соопштението, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен се заблагодарила за помошта и вклученоста на земјите од Западен Балкан за време на пандемијата, а хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, кој претседава со денешниот Самит, ги поздравил напорите на Србија и Црна Гора во преговорите на пристапниот процес и отворањето поглавја, со надеж дека сите ќе направат напредок во европските интеграции.

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис ја поздравил европската перспектива на земјите од Западен Балкан.

-Солидарноста е израз на јасна и мерлива поддршка во моментите кога на нашите сојузници им е најпотребна. Понекогаш таа помош доаѓа прво од таму каде што не ја очекувате, па така кога Грција побара помош за време на мигрантската криза, Србија, предводена од мојот пријател Вучиќ, беше првата земја што понуди помош и тоа беше гест на солидарност кој многу се цени во Грција, истакнал Микотакис.

Бугарскиот премиер Бојко Борисов истакнал дека е задоволен што процесот на пристапување на Западен Балкан се движи во вистинската насока и го поддржал повикот за солидарност од Вучиќ, нагласувајќи дека ЕУ мора да стори сé за да не го остави регионот на Западен Балкан да страда од економските последици од пандемијата.

Претседателот на Република Кипар, Никос Анастасиадес кажал дека иднината на Западен Балкан е во ЕУ, за што се согласиле и другите учесници на денешниот Самит, како и со потребата од поголема солидарност на членките на Европската народна партија.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Уапсени двајца Срби, поранешни членови на „Пинк Пантер“ – оргабувале златарници во Атина

Вучиќ на СБ на ОН: Со изборната кампања на Курти во Северна Македонија, тој ја поткопува регионалната стабилност

Земјотрес во Србија

Вучиќ за коспонзорството на резолуцијата за Сребреница: Тоа е благодарност за она што го направивме за Скопје

Земјотрес кај Чачак

Австриските власти го екстрадираат во Србија осомничениот за убиството на Нусрет Дестановиќ