ВИДЕО: Зеленски тврди дека Русија ги нападнала бродовите во бугарски води, Софија не потврдува

Од:

Два трговски брода беа нападнати во ексклузивната економска зона на Бугарија во Црното Море, при што едниот потона, а другиот беше сериозно оштетен. Киев и Софија изнесоа спротивставени ставови за тоа кој стои зад нападот.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека станува збор за руски комбиниран напад со поморски и воздушни дронови. Тој рече дека украинската морнарица била во контакт со бугарските власти и нагласи дека украинските сили немале операции во тој дел од Црното Море.

„Еден брод потона, додека другиот претрпе значителна штета. Ова е продолжение на руската стратегија на ескалација“, рече Зеленски.

Бугарскиот министер за одбрана Димитар Стојанов, пак, изјави дека Софија засега не може со сигурност да утврди чиј биле дроновите. Според него, тоа ќе може да се потврди доколку бидат пронајдени остатоци од леталата или доколку една од страните преземе одговорност.

Стојанов оцени дека станува збор за намерен напад, а не за несреќа, додавајќи дека Бугарија со инцидентот станала дел од „хибридната војна меѓу Украина и Русија“.

Нападот се случи околу 70 наутички милји источно од Бјала, на околу 130 километри од бугарскиот брег. Цел беа товарните бродови „Alfa Watan“, под знамето на Того, и „Able“, под знамето на Палау.

„Alfa Watan“ беше тешко оштетен и потона. Неговата посада се води како исчезната, а спасувачките екипи пронашле превртен чамец за спасување и три празни сплавови.

На „Able“, кој превезувал пченица, избил пожар по нападот. Сите 18 членови на екипажот беа евакуирани и спасени од бугарскиот брод „Dioscuria“. Двајца морнари со потешки повреди беа пренесени во болница во Варна.

Еден од спасените турски морнари изјавил дека експлозијата, според неговото чувство, дошла од под површината на морето и изразил сомнеж дека нападот го извршила Русија. Оваа изјава засега не е официјално потврдена.

Бугарскиот премиер Румен Радев го оцени нападот како грубо кршење на меѓународното право и правилата за поморски сообраќај. На инцидентот реагираше и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, која изрази загриженост поради нападот врз трговски бродови во економската зона на членка на НАТО.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Масовен руски напад врз Киев, погодени студентски дом, продавници, метро, ​​болница

Катерина Ѓуровски

„Фајненшел тајмс“: Русија бeше подготвена да се повлече во 2023 година, Зеленски го одби предлогот

А1он

Јотова и Валчев водат со 2,7 процентни поени пред Ѓуров и Кандев

Горан Наумовски

Јотова со мала разлика пред Ѓуров во вториот круг на претседателските избори во Бугарија

Русија подготвена да им испорача на САД неограничени количества дизел, три танкери веќе пловат кон Северна Америка

Европската унија уште е многу зависна од руските енергенси

Катерина Ѓуровски