Актуелната претседателка на Бугарија, Илијана Јотова, има мала предност пред поранешниот привремен премиер Андреј Ѓуров во првиот круг од претседателските избори, покажуваат излезните анкети.
Според анкетите, Јотова освои меѓу 35 и 36,5 отсто од гласовите, додека Ѓуров добил меѓу 32,2 и 32,5 отсто. Разликата меѓу двајцата кандидати е значително помала од онаа што ја предвидуваа предизборните анкети, според кои Јотова требаше да освои повеќе од 40 отсто, а Ѓуров нешто повеќе од 28 отсто од гласовите.
Доколку овие процени се потврдат со официјалните резултати, двајцата кандидати ќе се соочат во вториот круг на 1 ноември.
Јотова се залага за дијалог со Москва, додека Ѓуров ја поддржува прозападната опозиција. Граѓаните на изборите избираа претседател меѓу 27 кандидати.
Иако претседателската функција во Бугарија е претежно церемонијална, изборите добија дополнителна важност по серијата напади со беспилотни летала врз трговски бродови во близина на бугарскиот брег на Црното Море, во кои загинаа дваесетина морнари од различни земји.
Нападите предизвикаа осуди од меѓународната заедница и загриженост поради ширењето на руско-украинската војна. Бугарската влада побара помош од сојузниците во НАТО за зајакнување на поморската безбедност.
Двајцата водечки претседателски кандидати ги осудија нападите. Андреј Ѓуров, кој годинава привремено ја извршуваше премиерската функција, има поддршка од прозападните реформски партии. Тој отворено ја поддржува Украина, а како премиер потпиша договор за безбедносна соработка со Киев.
Илијана Јотова претходно беше потпретседателка на Бугарија, а претседателската функција ја презеде во јануари, откако Румен Радев поднесе оставка за да учествува на парламентарните избори.
На тие избори победи Радев, за кого политичките аналитичари сметаат дека е наклонет кон Кремљ.
Доколку Јотова победи во вториот круг, таа ќе стане првата жена претседател на Бугарија.
