Бродот „GAS HUSKY“, кој пловел под либериско знаме, потона во Црно Море, на околу 50 наутички милји источно од Бјала, во близина на бугарскиот брег. Во тек е операција за пребарување и спасување на членовите на екипажот, во која се вклучени воени авиони и хеликоптер на бугарските воздухопловни сили, соопшти бугарското Министерство за одбрана.
Бродот исчезнал од радарите кратко по полноќ. Утрово во 8:02 часот се активирал неговиот сигнален пловак за итни случаи, кој испраќа сигнал при потонување или друга сериозна опасност.
Последната позната позиција на бродот била на околу 14,5 наутички милји од местото каде што на 16 ноември се преврте товарниот брод „BETUL 8“.
Авион Су-25 полетал од Балчик во 10:25 часот и извршил воздушно извидување на областа. Притоа бил забележан спасувачки сплав со луѓе, по што бил активиран хеликоптер „Кугар“ за нивно спасување. Нешто по 11 часот кон местото бил испратен и втор авион Су-25.
Операцијата се спроведува по барање на Главната дирекција за спасувачки активности при бугарската Извршна агенција за поморска администрација.
Бродот „GAS HUSKY“ бил изграден во 2012 година и е долг 119 метри. Со него управувала грчката компанија „Stealth Maritime Corp. SA“. Пловел од Александрија, Египет, кон романското пристаниште Мидија, без товар. Засега нема потврдени информации дека бродот бил нападнат.
Со потонувањето на „GAS HUSKY“, бројот на бродови што потонале во водите крај Бугарија и Романија од почетокот на октомври достигна седум, доколку во статистиката се вклучи и „Royad Mammadov“, за чие потонување сè уште не е официјално утврдена причината.
На 5 октомври „Royad Mammadov“ потона крај романскиот брег. Во несреќата загинаа двајца морнари, а 11 беа спасени.
На 6 октомври бродот „Alfa Watan“ потона по напад со дрон во бугарската ексклузивна економска зона, додека на 13 октомври потона „HS Dignity“ кај Шабла.
На 23 октомври бродот „Khoryv“ се преврте и потона во близина на Констанца, а пет дена подоцна, на 28 октомври, потона и контејнерскиот брод „Contship Jet“ во бугарската економска зона.
На 16 ноември потона и „BETUL 8“, откако неговиот екипаж пријави напад од морски дронови. Сите 12 членови на екипажот беа спасени.
Така, од почетокот на октомври се регистрирани седум потонати пловни објекти во овој дел од Црно Море, но причините за сите инциденти не се официјално утврдени. Во истиот период се пријавени и други напади и оштетувања на бродови, вклучително и во близина на романскиот брег.
