„Фајненшел тајмс“ (Financial Times) објави детали за една малку позната иницијатива за мировни преговори меѓу Русија, Украина и Соединетите Држави, која се одвиваше во јануари и февруари 2023 година.
Во сржта на иницијативата беше неофицијален канал за комуникација, воспоставен со цел да се најде решение за војната, една година по почетокот на руската инвазија.
Американскиот адвокат Ричард Кон ја покрена иницијативата откако еден неименуван извор од Москва го предупреди – неколку недели по почетокот на инвазијата – дека Русија ја смета војната за егзистенцијална закана и дека е подготвена да употреби нуклеарно оружје.
„Ова за нас претставува егзистенцијална закана. Знаеме дека Соединетите Американски Држави се обидуваат да нè уништат“, рекол соговорникот на Кон, додавајќи дека Путин е подготвен да употреби тактичко нуклеарно оружје.
„Вие незапирливо се движите кон Трета светска војна“, рекол тој.
Кон, со помош на Ерик Грин (директор за Русија во Советот за национална безбедност на САД), американскиот банкар Боб Форсман и Матијас Варниг (поранешен разузнавач од Источна Германија и близок соработник на Путин), воспостави канал за комуникација со рускиот претседател.
Овој канал го нарекле „Платформа“. За успехот на мировниот договор, им бил потребен и контакт со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Преку американскиот инвеститор Мајкл Калви, Форсман стапил во контакт со Александар Родњански, украински филмски продуцент кој учествувал во организирањето на мировните преговори во Истанбул во 2022 година.
На почетокот на јануари 2023 година, групата се состанала на Гран Канарија за да ги дефинира рамките на мировниот предлог. Планот предвидувал Русија да се повлече од поголемиот дел од териториите што тукушто ги анектирала, при што линијата на разграничување би се воспоставила според состојбата пред инвазијата во февруари 2022 година.
Украина би ја признала руската контрола врз Крим и би обезбедила слободен премин преку копнениот коридор до полуостровот.
За возврат, Украина би добила безбедносни гаранции од земјите-членки на НАТО, додека Русија би започнала преговори за посебен безбедносен договор со САД.
Варниг и Родњански го однесоа нацрт-документот во Москва и во Киев. Подоцна, Варниг ја извести групата дека Путин детално го проучил документот.
Според него, Путин се согласил со предложената линија на разграничување. Тој не можел да се согласи Украина да се приклучи кон НАТО, но бил отворен за нејзино членство во Европската унија и за поинаков безбедносен аранжман, сличен на оној за кој се разговарало во Истанбул.
„Ако можеме да се договориме за границата и за НАТО, тогаш можеме да разговараме за сè друго“, пренесува Варниг, цитирајќи го Путин.
Од друга страна, воените успеси на Украина на теренот ја променија ситуацијата. Родњански изјави дека Зеленски и шефот на неговиот кабинет, Андриј Јермак, само ги погледнале документите на неговиот телефон. Тие му рекле дека нема да се согласат на никакви територијални отстапки и дека веруваат оти можат да го остварат поголемиот дел од планот без да се откажат од територија.
Родњански, кој сметаше дека САД треба да извршат притисок врз Украина да го прифати договорот, прокоментира дека тие се однесуваат како руската војска наскоро да ќе се распадне, исто како војската на Саурон на крајот од „Господарот на прстените“.
Според него, Украинците се насмеале и се согласиле со таа споредба. Кабинетот на украинскиот претседател и Јермак не одговорија на барањето за коментар.
