Тачи пред Хашкиот суд: Не сум виновен, ова нема никаква основа

Од:

Досегашниот косовски претседател и еден од основачите на Ослободителната војска на Косово (ОВК), изјави денеска при своето прво појавување пред Хашкиот суд, по читањето на обвинението, дека не се чувствува виновен, а обвинението е неосновано.

„Почитуван суде, обвинението е без каква било основа и јас изјавувам дека не сум виновен по ниту една од десетте точки на обвинението,“ рече Тачи пред судија на претходна постапка на Специјализираните комори за Косово со седиште во Хаг.

Тачи, кој поради обвинението беше принуден да поднесе оставка на функцијата претседател на Косово, одговара заедно со членовите на Генералштабот на ОВК: Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи, по десет точки на обвинението, кои ги товарат за прогон по политичка или етничка основа, нелегално апсење, незаконито притворање, сурово постапување, мачење, убиства и киднапирања, меѓу другото.

Според Обвинителството, постои добро втемелен сомнеж дека како дел од здружен злосторнички потфат, Тачи ги извршил споменатите кривични дела, како и во својство на надреден на други припадници на ОВК.

– Тачи знае дека овие обвинувања се бесмислени и дека се глупости, но тој сепак и помогна на Европската комисија да го основа овој суд. Тој не можеше да биде покооперативен. Ништо во ова обвинение не кажува за кражба на органи и за тие ужасни злосторства, рече Хупер.

Бранителот истакна дека одбраната „ќе докаже на суд дека сето тоа е лага“ и дека, на крајот на судењето, угледот на Тачи ќе „блесне“.

Хупер најави дека наскоро ќе побара од судот Тачи привремено да биде ослободен, а обвинителите веднаш се спротивставија на тоа.

Бранителот на Тачи цитираше дека новоизбраниот американски претседател Џо Бајден во 2017 година рекол дека Тачи е „косовскиот Џорџ Вашингтон“.

Адвокатот Хупер најави дека Тачи ќе го брани и поранешниот американски амбасадор за воени злосторства, Пјер Ричард Проспер, како и други адвокати кои не можеле да дојдат во Хаг на денешната седница.

Обвинителството денеска беше застапувано од главниот обвинител Џек Смит и обвинителот Алан Тигер, кој беше застапник на Обвинителството во судењата против Ратко Младиќ, Радован Караџиќ и бројни други пред Хашкиот трибунал.

Во времето опфатено со обвинението, од март 1998 година до септември 1999 година, Тачи беше политички комесар и командант на Генералштабот на ОВК, како и премиер на привремената влада на Косово.

Како учесници во заедничко злосторничко здружение, обвинетите извршиле злосторства против најмалку 407 заробеници во 34 притвори на ОВК низ Косово и Албанија и најмалку 98 убиства, од март 1998 година до септември 1999 година.

„На неколку локации во Косово, како и во Кукс и Кахан во северна Албанија, припадниците на ОВК извршија злосторства според обвинението против стотици цивили и лица кои не учествувале во непријателства“, се вели во обвинението.

Според обвинението, „жртвите биле лица осомничени дека не ја поддржувале ОВК, а подоцна и привремената влада на Косово“.

Станува збор за Срби, Роми и Ашкали; католици; цивили за кои се верува дека соработувале или комуницирале со српските власти; Албанците кои ја поддржувале или биле поврзани со Демократскиот сојуз на Косово, како и со други партии за кои се сметаше дека се против ОВК “.

Според обвинението, жртвите биле и „Албанци кои не се приклучиле на ОВК или не ја поддржувале ОВК и лица кои се сметале за противници на ОВК врз основа на нивното сегашно или поранешно вработување“.

Тачи му се предаде на судот на 5 ноември во Косово, заедно со Весели и Селими, а истата вечер беше ставен во притвор во Шевенинген.

Утрово, Красниќи (69), поранешен портпарол на ОВК, по првпат беше изведен пред судот во Хаг и се изјасни дека не е виновен за злосторствата од обвинението.

Првото појавување на Весели(51) пред Специјалниот суд е закажано за утре, 10 ноември, а Селими (49) за среда, 11 ноември.

Главниот обвинител Смит првото предлог обвинение го поднесе на 24 април, а второто, ревидирано, на 24 јули. Судијата Гију го потврди обвинението на 26 октомври.

Би можело да ве интересира

Приштина тврди дека Србите не ја искористиле можноста да гласаат на референдумот

Во Косово приведен македонски државјанин по кого е распишана меѓународна потерница заради тешко убиство

Орце Костов

Македонија ќе поддржи резолуција за геноцид во Сребреница

Орце Костов

Германија испраќа дополнителни војници во Косово

Горан Наумовски

Уапсен Србин на Косово: Обвинет е за воени злосторства

Горан Наумовски

23-годишна Украинка пронајдена мртва на автопатот „Арбен Џафери“ во Косово

Катерина Ѓуровски