Курти го извести Лајчак дека лично ќе го предводи косовскиот тим за преговори со Србија

Од:

Вршителот на должноста претседател на косовската Влада, Албин Курти, го извести новоименуваниот специјален претставник на Европската унија за дијалогот меѓу Приштина и Белград и за Балканот, дека тој како премиер е обврзан, според косовскиот Устав, да го формира тимот за преговори со Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според денешната преписка, која ја проследи до медиумите владината служба за информирање, Курти му ги изнел на Лајчак плановите за формирање сеопфатен тим, во кој, покрај него, како претседавач, би требало да членуваат претседателот на државата Хашим Тачи, собраниската спикерка Вјоса Османи, како и претставници на косовските политички партии.

Премиерот, се наведува во соопштението, „му го нагласи на новиот европски пратеник значењето на вклучувањето во дијалогот, како на ЕУ, така и на САД, при што побара идниот договор да се проследи со гаранции од тие две страни“.

Брисел и Вашингтон, според него, треба да осигураат дека „во ниедни околности или ситуација нема да се дискутира прашањето на меѓусебниот суверенитет, територијалниот интегритет и внатрешните работи“ на Косово и Србија.

– Ние немаме потреба ниту за дијалог кој опфаќа карти на маса, ниту за процес кој нé води кон редефинирање на границите. Ова е од суштинско значење, му порача Курти на Лајчак.

Пораншениот шеф на дипломатијата на Словачка, една од петте членки на ЕУ кои не ја признаваат независноста на Косово, во одговорот до косовскиот премиер го оцени сопственото именување како посредник во дијалогот, како значаен индикатор за решеноста на ЕУ да го помогне дијалогот.

– Моето именување дава сигнали за враќањето на ангажирањето на ЕУ во дијалогот. Моја цел е да работам непрекинато и динамично за постигнување напредок во процесот на дијалогот и очекувам и од Приштина и од Белград да се вратат на нивните заложби со истата решителност, се цитира Лајчак во соопштението од кабинетот на Курти.

Словачкиот дипломат ја оцени одлуката на Владата на Курти за укинување на таксата од 100 отсто на увозот на стоки од Србија и Босна и Херцеговина, како „прв конкретен чекор“ од страна на Курти „за обновување на дијалогот со посредство на ЕУ“.

Кореспонденцијата меѓу косовскиот премиер и евро-дипломатот продолжи со второ писмо од Курти, во кое уште еднаш се наласува решеноста на Владата во Приштина да се посвети на „еден постојан и непрекинат процес на дијалог“ со Белград.

– Ние сметаме дека двете страни треба да работат интензивно на постигнувањето конечно решение во врска со сите недоразбирања меѓу Косово и Србија. За да биде овој процес сеопфатен и исто така исцрпен, двете земји треба да се согласат да ги изнесат на преговарачката маса сите нерешени прашања од нивните билатерални односи. Ова е предуслов за дијалогот да има успешен резултат, порача Курти во кореспонденцијата со новиот посредник во преговорите меѓу Приштина и Белград.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Уапсени двајца Срби, поранешни членови на „Пинк Пантер“ – оргабувале златарници во Атина

Вучиќ на СБ на ОН: Со изборната кампања на Курти во Северна Македонија, тој ја поткопува регионалната стабилност

Приштина тврди дека Србите не ја искористиле можноста да гласаат на референдумот

Земјотрес во Србија

Во Косово приведен македонски државјанин по кого е распишана меѓународна потерница заради тешко убиство

Орце Костов

Земјотрес кај Чачак