„Катимерини“: Промена на балансот на Балканот

Од:

Договорот за добрососедство и соработка, кој минатата недела во Скопје го потпишаа премиерите на Македонија и на Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов, несомнено беше главен политички и дипломатски настан во последните денови во регионот и секако, не ја остави Атина рамнодушна, пишува „Катимерини“ во текст под наслов „Промена на балансот на Балканот“.

– Односите меѓу двете земји, од создавањето на ПЈРМ во 1991 година, се развиваа во атмосфера на сомневања, со тоа што Софија прва во 1992 година ја призна новата држава под нејзиното уставно име, но не и постоењето на ‘македонска нација’, бидејќи смета дека словенскиот елемент на ПЈРМ е дел од бугарската нација, пишува весникот.

Како резултат на ставот на бугарската страна дека не постои „македонски јазик“ или посебна историја на народот, тврди „Катимерини“, „повремено се предизвикуваа тензии во билатералните односи кои во последните години се интензивираа поради иредентизмот во надворешната политика на Груевски“.

Весникот коментира дека страстите меѓу двете „братски“ земји на периоди се разгорувале на различни теми, како што се кому му припаѓаат Кирил и Методиј или цар Самуил, кои освен на Балканот, тешко дека можат да се прифатат како причини за тензии.

– Многу пати, навистина, Софија отворено се пожали на Скопје за неговата политика на иредентизам и територијални претензии (Пиринска Македонија), заканувајќи се дека ќе го блокира приемот на земјата во НАТО и ЕУ, пишува „Катимерини“.

Според весникот, во последните години, Бугарија и Грција се нашле на иста страна „да се борат со агресивниот национализам на Скопје, чиј гласноговорник бил Никола Груевски со неговите статуи и архаични галии во Вардар, но без, барем официјално, да се создаде „антимакедонска оска“ меѓу Атина и Софија.

– Сега, со потпишувањето на договорот, за кој долго се разговараше, се ‘крши’ неформалниот грчко-бугарски “фронт” против екстремниот национализам на Скопје. Грција останува сама да се бори против ‘иридентистичката политика’ и кршењето на ‘добрососедските односи’ од страна на власта на ПЈРМ и оваа нејзина ‘осаменост’ не оди во прилог на нејзините дипломатски маневри во врска со претстојните настани поврзани со евроатлантските цели на соседната држава, коментира „Катимерини“.

Весникот потоа ја цитира директорката на тинк-тенк програмата „Европски совет за надворешна политика“ и поранешен портпарол на бугарското МНР Весела Чернева, според која, ако постои директен регионален резултат од потпишувањето на договорот за добрососедство, тоа е зголемување на притисокот врз Грција за поконструктивен пристап, особено за прием на Република Македонија во НАТО.

– Неодамна премиерот Борисов се обиде да ја смири загриженоста на Атина, кога на средба во четири очи во Солун со грчкиот колега Алексис Ципрас, каде беше поканет вон програмата на заедничка седница на владите на Грција и Србија, во врска со потпишувањето на договорот за добрососедство со Скопје го уверил дека Бугарија ‘ќе ги почитува чувствата на грчката страна, тврди „Катимерини“.

Со потпишување на договорот, секако, не се отстрануваат одеднаш вековните разлики меѓу двете страни кои се уште не се согласуваат ни за светци (Кирил и Методиј), ниту пак ќе се растераат облаците во билатералните односи. Во средината на 90-тите години Грција и Албанија, исто така, потпишаа договор за пријателство, но нивните односи се уште се развиваат од лошо кон полошо, заклучува „Катимерини“.

Би можело да ве интересира

Двајца Македонци осудени на по пет години затвор во Грција, внесувале фалсификувани лични документи

Грција воведува шестдневна работна недела

ВИДЕО: Уапсени двајца Срби, поранешни членови на „Пинк Пантер“ – оргабувале златарници во Атина

Земјотрес го погоди денеска грчкиот остров Самос

За една година затворени 14 училишта во Македонија: Намален е бројот и на паралелки и ученици

Александар Тодески

Пад на Македонија во извештајот на Фридом хаус: Назадување во владеењето на правото и борбата со корупција