Европратениците ја повикаа Србија да ги преиспита односите со Русија

Од:

Како кандидат за членство, Србија треба да ја покаже својата посветеност на политиките и стандардите на ЕУ, меѓу другото и во однос на Русија, каде Белград треба да ги почитува рестриктивните мерки на Унијата, да ги преиспита односите во економската сфера и одбранбената политика и да се бори против дезинформациите од Кремљ, се наведува во документот на Комитетот за надворешна политика на Европскиот парламент (АФЕТ), јави дописникот на МИА од Белград.

Во нацрт-документот за кој АФЕТ ќе гласа на 13-14. Јуни и Европскиот парламент во јули, се подвлекува дека темпото на пристапување на Србија во ЕУ ќе зависи од напредокот во поглавјата за владеење на правото и основните права, целосно усогласување со надворешната, безбедносната и одбранбената политика на ЕУ, вклучително и санкциите кон Русија и напредок во нормализацијата на односите со Косово.

Нацрт-резолуцијата, врз основа на Извештајот на Европската комисија за 2021 година, е дополнета со бројни амандмани со кои конкретизирани и зајакнати одредени оценки.

За најактуелното прашање – руската инвазија на Украина, со жалење што Србија не се усогласила со санкциите на ЕУ, се наведува дека Србија е една од ретките европски земји кои не го сториле тоа и новоизбраните власти се повикани да покажат „вистинска недвосмислена посветеност на вредностите, стандардите и правилата на ЕУ“.

Се повикуваат српските власти итно да се усогласат со позициите и одлуките на ЕУ во надворешната и безбедносната политика, вклучително и примена на рестриктивни мерки против Русија и Белорусија, како и санкции против поединци, групи и ентитети.

Се наведува дека Србија го поддржувала територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, а во Генералното собрание на ОН гласала за осуда на руската инвазија, како и дека го поддржувала исклучувањето на Русија од Советот за човекови права на ОН, но дека српските претставници го избегнале гласањето за исклучување на Русија од Советот на Европа.

Се нагласува важноста од усогласување со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, се наведува дека Србија има најниско ниво на усогласеност во регионот, се жали на повремените изјави на политичките лидери кои ја доведуваат во прашање надворешната политичка ориентација на Србија и се повикуваат политичките сили во Србија да престанат со соработката со авторитарни политички партии во Русија.

Европратениците се за отворање на нови преговарачки поглавја за Србија само кога таа ќе ги преземе сите неопходни мерки на тој план, вклучително и во областа на владеењето на правото.

Усогласената нацрт-резолуција, исто така, ја повикува Србија да ја преиспита економската соработка со Русија, и се наведува дека ЕУ жали што летовите меѓу Белград и Москва продолжуваат додека нејзиниот воздушен простор е затворен за летови кон и од Русија.

Се посочува и дека во периодот од 2015 до 2021 година воените трошоци на Србија се зголемиле за 70 отсто, главно благодарение на набавките од Белорусија, Русија и Кина.

Во текстот на амандманот се изразува загриженост за блиската соработка со Русија во воената сфера и се бара од Србија да ги преиспита односите со Русија во одбранбената политика и да ја прекине воената соработка со таа земја, како онаа преку „регионалниот хуманитарен центар“ во Ниш.

Загриженост се изразува и поради зголемената соработка на Србија со Кина, вклучително и купувањето на масовен систем за видео надзор во Белград, купувањето кинеско оружје и воена опрема и заедничките вежби со кинеските безбедносни сили во Србија.

Еден од амандманите изразува загриженост во врска со наводите дека српските власти прислушувале руски опозиционери во Белград и наводно доставиле материјали на руските безбедносни служби, и се истакнува дека секоја соработка што придонесува за авторитарни и антидемократски практики во Русија и Србија би била штетна за идните односи на ЕУ и Србија.

Посебно загрижуваат дезинформациите на Кремљ преку Спутник Србија и другите домашни актери и се повикуваат српските власти да ги почитуваат санкциите на ЕУ и да преземат мерки за да ги спречат Раша Тудеј и Спутник Србија да шират лажни вести и дезинформации.

Исто така, се укажува и на големата загриженост дека медиумите и некои национални ТВ канали се меѓу главните извори на дезинформации поддржани или финансирани од владата. Се изразува жалење и дека од почетокот на руската инвазија на Украина, јавниот сервис го користи јазикот на руската пропаганда, како што е „ограничената воена операција“.

Понатаму се предупредува дека земјите во процесот на пристапување во ЕУ на Западен Балкан се особено тешко погодени од странско мешање и кампањи за дезинформација од страна на Русија и Кина, и се изразува загриженост што Србија и Унгарија им помагаат на Русија и Кина во нивните геополитички цели.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Голем пресврт: Пикси го повика отпишаниот голман на ЕП

Предраг Петровиќ

68 проценти од Македонците се за влез во Европската унија

Европската унија ја потсетува Сиљановска дека мора да се почитуваат важечките договори

Катерина Ѓуровски

Уапсено е момчето кое претепа наставник во Бачка Паланка

(ВИДЕО) Снимка од моментот кога се урна рингишпил во Куршумлија: Повредени тринаесет деца

13 деца се повредени во Куршумлија, уапсен е сопственикот на рингишпилот

Горан Наумовски