Договорот од Преспа предизвика политички турбуленции во Грција и пред и по потпишувањето

Од:

Со синоќешната ратификација на Протоколот за членството на Македонија во НАТО грчката страна ја исполни и втората своја обврска согласно Договорот од Преспа, договор кој во Грција предизвика турбуленции и пред, но и по потпишувањето. Предизвика реакции во општеството, промени на политичката сцена, заострена реторика меѓу партиите, но и засилена активност на екстремно десничарите.

Грција имаше и протурка исклучително „жежок“ почеток на 2019 година. Во период покус од еден месец парламентот имаше три критични гласања: за доверба на Владата на Алексис Ципрас, за ратификација на Договорот од Преспа и вчерашната, за ратификација на Протоколот за членството во НАТО. Во меѓувреме Ципрас „го загуби“ коалицискиот партнер Панос Каменос, партиите Река и Независни Грци останаа без пратенички групи, а пратениците кои го поддржаа договорот се соочија со сериозни закани по нивните животи, додека нивните домови беа нападнати со молотови коктели.

Од напади и закани не беа поштедени ниту новинарите и фоторепортерите на последниот протест во Атина, неколку дена пред ратификацијата на договорот, кога се случија сериозни инциденти, а владата обвини дека група радикални десничари се обиде да упадне во грчкиот Парламент, јави дописничката на МИА од Атина.

Парламентот претрпе драстични промени, токму поради Договорот од Преспа. Пратеници ги напуштија нивните матични партии само затоа што имаа различна позиција од партиската линија. Река и Независни Грци останаа без пратенички групи бидејќи нивниот број на пратеници се намали на под пет. Нова демократија, Златна зора, Комунистичката партија и Сојуз на централисти се партиите врз кои Договорот од Преспа немаше никакво влијание.

Од јануари минатата година кога се интензивираа преговорите меѓу двете влади, спорот за името или „скопското прашање“, како што во Грција го нарекуваат, стана главна тема во Грција. Со исклучок на мали временски интервали, оваа тема една година речиси комплетно го монополизира интересот на јавноста. Оваа тема, патем, во изминатите осум години беше целосно зааборавена или ставена под тепих, пред се, поради домашната тешка економската криза.

Почетокот на минатата година ја одбележаа и големите протести во Солун и Атина под кои не потклекна грчката Влада и продолжи со преговорите.

Успешниот завршеток и Договорот од Преспа на нож го дочекаа сите опозициски партии во Грција, иако официјалната линија на голем дел од нив беше сложено име со географска одредница ерга омнес. По потпишувањето во јуни минатата година, темата стана главна причина за меѓусебни обвинувања и препукувања на релација власт – опозиција.

И осум месеци подоцна, и по ратификацијата од двете страни, на само неколку дена пред официјалното стапување на сила, решението меѓу двете земји и понатаму е мета на критики на опозициските партии во Грција.

Најголемата грчка опозициска партија Нова демократија постојано тврди дека Договорот од Преспа е штетен за грчките национални интереси, „бидејќи отстапува македонски јазик и македонски идентитет“.

Владата на Алексис Ципрас „ги преживеа“ трите критични гласања, за доверба и оние за ратификација на договорот и протоколот, останува времето да покаже дали ќе успее да го заврши до крај четиригодишниот мандат како што постојано потенцираат претставниците на владата или пак можеби ќе се потврдат сценаријата за предвремени локални избори во мај заедно со локалните и евроизборите.

Би можело да ве интересира

Гужва за влез во Грција: На Богородица се чека по еден час

А1он

Двајца Македонци осудени на по пет години затвор во Грција, внесувале фалсификувани лични документи

Грција воведува шестдневна работна недела

ВИДЕО: Уапсени двајца Срби, поранешни членови на „Пинк Пантер“ – оргабувале златарници во Атина

Земјотрес го погоди денеска грчкиот остров Самос

Преспанскиот договор оспорен во предизборието, анализира грчки Катимерини

Александар Тодески