Дачиќ: Чешка нема да го стави во процедура барањето на Косово за членство во ЕУ

Од:

Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, изјави дека според информациите кои му се достапни во моментов, Чешка нема да го стави во процедура барањето на Косово за членство во ЕУ до крајот на нејзиното претседавање со ЕУ, туку само ќе ги информира членките за приемот на барањето, јави дописникот на МИА од Белград.

– Чешка ја прими апликацијата, а според најавите, како што стојат работите денеска, на седницата што треба да се одржи неделава, само ќе информираат дека ја примиле апликацијата и нема дополнително да ја ставаат во процедура, рече Дачиќ во изјава за новинарите по средбата со неговиот грчки колега Николас Дендиас.

Тој додаде дека со ова прашање ќе се занимава следниот претседавач, а тоа е Шведска, која таа улога ќе ја преземе од Нова година.

– На крајот на краиштата за ова мора да се донесе одлука со консензус, што нема да се случи во овој момент, бидејќи има пет земји, меѓу кои и Грција, кои не го признаа Косово, а имајќи го предвид и ставот на Унгарија, која без разлика што го призна Косово, нема да гласа за Косово на меѓународните форуми, рече Дачиќ. Тој додаде дека Србија сè уште има тешка борба во Советот на Европа во поглед на приемот на Косово.

– Се е преместено за следната година. Ирска не сакаше да ја заврши таа работа за време на нејзиниот мандат. Сега е на ред Исланд. Пред нас имаме разговори. Со оглед на тоа што Исланд одржува Самит на земјите-членки на Советот на Европа, не е во нивен интерес да покренат разни проблеми. Ним во интерес им е да се постигне договор. Затоа очекуваме оваа тема наскоро да не се најде на дневен ред, рече Дачиќ.

Тој посочи дека Приштина ги крши и Бриселскиот и Вашингтонскиот договор и нагласи дека Србија ќе продолжи да работи со земјите кои не го признаваат Косово да останат со тој став, а со оние што го признале, да го сменат тој став во смисла на повлекување на признавањето.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Во Стокхолм: Убиен е татко пред очите на неговиот син

Дачиќ за убијците на Данка: Луѓето би ги задавиле со голи раце

Шведска ја избра песната за Евросонг: победи „Unforgettable“

Шведската полиција уапси четворица терористи

Балтикот стана „НАТО море“ – По 200 години неутралност Шведска стана 32 членка на Алијансата

Шведска е во НАТО, Унгарија даде зелено светло