Балканците без шанси за азил во Шведска

Од:

Барателите на азил во Шведска од земји како Косово, Србија, Македонија, Босна и Херцеговина и Албанија имаат исклучително мали шанси да добијат позитивен одговор и бегалски статус, јави дописникот на МИА од Гетеборг.

Според најновите податоци што ги обелодени шведскиот Миграциски завод, во текот на 2014 година биле одобрени само околу еден процент од поднесените барања за азил во Шведска од страна на државјани од балканските земји.

Неодамна внимание на шведската јавност привлече претседателот на партијата Христијански демократи (КД), Јоран Хеглунд, укажувајќи дека постојат „сигурни земји“ од кои во Шведска доаѓаат голем број азиланти, а од каде што речиси сите азилантски барања се отфрлаат.

Хеглунд во тој контекст посебно ги посочи земјите од Западен Балкан, од кои годинава, според прогнозите на Миграцискиот завод, се очекува да бидат поднесени околу 8.000 барања за азил во Шведска.

– Од такви земји се одобруваат само по неколку проценти азилантски барања, бидејќи се очигледно неосновани. Нашиот предлог би требало да води кон намалување на бројот на неосновани барања, покуси рокови за разгледување на барањата и со тоа намалување на трошоците за прифаќање на нови азиланти во земјата, истакна Јоран Хеглунд.

Лани во Шведска дошле вкупно 81.300 азиланти, што претставува највисока бројка од периодот на балканските војни во 1992 година, кога во земјата биле прифатени 84.000 азиланти.

Шведскиот миграциски завод соопшти дека најмногу азиланти во земјата лани дошле од Сирија (47 проценти), а голема е и бројката на палестински бегалци, како и на оние што доаѓаат од Еритреја и Сомалија.

Србија се вбројува меѓу првите пет земји од кои во Шведска доаѓаат најголем број баратели на азил.

Би можело да ве интересира

Во Стокхолм: Убиен е татко пред очите на неговиот син

Шведска ја избра песната за Евросонг: победи „Unforgettable“

Шведската полиција уапси четворица терористи

Балтикот стана „НАТО море“ – По 200 години неутралност Шведска стана 32 членка на Алијансата

Шведска е во НАТО, Унгарија даде зелено светло

Шведска: Осум лица хоспитализирани по инцидент во седиштето на шведската служба за безбедност