„Танц со ѕвездите“ на Македонската телевизија

Од:

Популарното шоу „Танц со ѕвездите“ од крајот на февруари во викенд-термин ќе се прикажува и на Македонската телевизија, која ќе биде меѓу 40-ина телевизии што доби лиценца од Би-Би-Си. Адаптираното шоу таа ќе го организира во соработка со продукцијата „Дрим фактори“.

Ќе учествуваат десет двојки – професионални танчари во тандем со познати личности од различни категории – пејачи, ТВ-водители, актери, спортисти. Тие ќе се натпреваруваат во стандардни и латино танци. Во секоја емисија ќе излегува по еден пар, а тој што ќе остане до крајот е победник и ќе ја затвори првата сезона на крајот на мај.

На прес-конференција денеска беа соопштени ѕвездите кои ќе вежбаат кореографии и ќе танцуваат со професионалните танчари-партнери: ТВ-водителите Бранко Чуповски и Маријана Станојковска, пејачите Викторија Лоба, Аделина Тахири и Александар Белов, актерите Васил Зафирчев, Висар Вишка и Јелена Јованова и спортистите Александар Николовски и Адријана Будимир. Водител на шоуто ќе биде актерот Тони Михајловски, а водителката се уште не е избрана.

– Тоа ќе биде најголемо шоу досега прикажано во Македонија. Како јавен сервис успеавме да го добиеме и ветуваме дека ќе биде најдобро организиран и најгледан ТВ-проект во земјава, рече генералниот директор на МРТ Марјан Цветковски.

За шоуто се прави и ново студио од 800 метри квадратни, со подиум за танцување од 150 метри квадратни. Ќе има и различни костими за секој натпреварувач, сценографија, светло… Ќе има и публика, покрај жирито кое ќе одлучува за победниците. Организаторите денеска не ги соопштија членовите на жирито, а во тајност засега е и наградата што ќе ја добие најдобрата двојка на крајот на сезоната.

Оригиналното шоу на Би-Би-Си досега имало 15 сезони и е доста гледано и посетено, така што новогодишните шоуа од проектот се организираат на стадионот Вембли. Втората сезона на „Танц со ѕвездите“ во Македонија ќе почне во септември со нови познати лица.

Би можело да ве интересира

Ковачевски: Анкетите на МТВ нè потсетуваат како изгледаа медиумите до 2016 година

Македонија нема да има претставник на Евросонг во Малме

Орце Костов

Почина Слободан Трајковски, долгогодишен новинар и поранешен директор на МТВ

Ландов

Граѓаните на пешачки маратон во МРТ, лифтовите на поправка

Ана Ололовска

Мирис на мртви мачки и расипани тоалети, МРТВ како Чернобил

Наум Локоски

ВИДЕО: Поплава во МТВ

Ана Ололовска