Роботите би можеле да ги заменат луѓето на 20 милиони работни места во светската индустрија до 2030 година, со што може да се влоши состојбата околу општествената и географската нееднаквост, но и тоа позитивно да влијае на економскиот раст.
Најмногу ќе бидат погодени работните места со најмалку квалификации, и тоа на нерамномерен начин во однос на земјите и внатре, во самите држави, стои во анализа на Оксфорд економикс.
Роботите веќе имаат заземено неколку милиони работни места, а тој тренд напредува во сѐ поголем број области благодарејќи на развојот на технологијата и вештачката интелигенција, сметаат британските аналитичари. А некои професии пак, поради модернизацијата, биле укинати како застарени, што претставува нормален и „природен“ општествен развој.
Роботизацијата ќе влијае на зголемувањето на продуктивноста и на економскиот раст, па така, светската еономија би можела да има заработка и до пет трилиони долари до 2030 година.
Работните места што бараат „сочувство, креативност и рационална интелигенција” ќе останат во рацете на луѓето уште децении, додека пак, роботите ќе бидат повеќе присутни во трговијата, здравството, угостителството, транспортот и земјоделството, се вели во извештајот.