Научникот Никола Тесла во август 1924 година во изјава за „Галвестон дејли њуз“ објаснил зошто никогаш не се оженил. Како што се наведува, тој најпрвин истакнал дека жената е посупериорна во однос на мажот, а потоа и дека таа исчезнала, а на нејзино место дошла жена која мисли дека нејзин главен успех во животот е да биде рамноправна со мажот, како во облекувањето, гласот, постапките, спортот и друго.
-Жените стануваат посилни од мажите и физички и ментално. Светот искуси многу трагедии, но според мене најголема од сите е сегашната економска состојба, во која жените се натпреваруваат со мажите и во повеќето случаи навистина успеваат да го заземат нивното место на професионален план и во индустријата. Оваа тенденција на жените да ја фрлат машкоста во сенка, претставува знак дека цивилизацијата пропаѓа- рекол Тесла.
Тој додал дека сите достигнувања на мажите биле инспирирани и поткрепени со љубовта на жените, но наместо жените да станат победнички тие станале жртви.
-Во нејзиниот живот нема задоволство. Жените многу често забораваат дека не може сите да бидат примадони и филмски ѕвезди – вели научникот, кој сметал дека токму поради тоа нашата цивилизација ќе потоне во состојба која ја гледаме кај пчелите, мравките и други инсекти, во која мажјаците се убиваат и дека во матријархалната империја ќе владеат женски правила .
Е. Г.