Мустафа Исмаил (24) од Египет впишан е во Гинисовата книга на рекорди како човек со најголем бицепс на светот (обем 64,7 сантиметри). Прекар му е Попај, но за разлика од популарниот цртан лик, Мустафа не добива сила од спанаќот, туку напротив, може да го убие, бидејќи е алергичен на ова растение.
Мустафа е толку силен, што може да крене 272 килограми, што претставува просечна тежина на мечка. Дневно јаде три килограми месо, четири килограми јаглени хидрати, три протеински шејка и многу вода.
Како дете бил дебел и мечтаел еден ден да изгледа како Шварценегер.
– Се срамев да се слечам пред децата. На базен, дури и мајка ми ми викаше да останам во маица, раскажува тој.
Подоцна тој го остварил својот сон и сега во Египет се толку горди на него, што по впишувањето во Гинисовата книга на рекорди, приредиле забава за неговото семејство, а тој пред неколку години се преселил во САД.
И додека едни му се восхитуваат, други го обвинуваат, сметајќи дека користел стероиди или вградил импланти. За да докаже дека неговите мускули се вистински, Мустафа во една емисија на јапонска телевизија направи ултразвук на бицепсите.
Кога не крева тегови, што обично го прави од пет часот изутрина, Мустафа точи бензин. Тој работи како помошник менаџер на една бензинска пумпа.
Сепак, тој се уште не е задоволен од големината на своите бицепси и планира да ги зголеми уште 20 сантиметри во обем.