Сто дваесет и девет убавици учествуваат денеска во финалето на изборот за „Мис на Светот“, што се одржува на индонезискиот остров Бали, под засилени мерки за безбедност заради закани и протести на исламистите, кои манифестацијата ја прогласија за натпревар на проститутки, пренесоа светските агенции.
Финалето ќе мине под будно око на 675 полицајци во летувалиштето Нуса Дуа, во јужниот дел на островот.
Амбасадорите на САД, Велика Британија и Австралија ги предупредија своите сонародници за евентуални атентати врз манифестацијата, без да дадат други детали.
Полицијата засега тврди дека не забележала ништо особено.
Во последните месеци илјадници радикални исламисти од различни градови во Индонезија се противеа на одржувањето на изборот на најубавата девојка во светот во нивната земја. Финалето требаше да биде во престолнината Џакарта, но од безбедносни причини властите го префлија на Бали.
Овој рајски остров со хиндуистичко мнозинство се разликува од остантиот дел на земјата, која е доминантно муслиманска.
Локалните жители се навикнаа на туристите во западните делови на островот и не се дразнат од разголената облека на „мисиците“, кои го предизвикаа гневот на радикалните исламисти.
Финалето, што ќе се пренесува во 180 држави, вечерва ќе почне во 20 часот по локално време (12 часот по Гринич), а името на победничката ќе се соопшти околу полноќ по локално време (16 часот по Гринич).