Од денеска, програмата на телевизијата Спорт Клуб повеќе не може да ја гледаат корисниците на телеком операторот A1, бидејќи оваа компанија одлучила да не го продолжи договорот за дистрибуција на каналите со компанијата Јунајтед Медиа (United Media).
Програмите на популарната спортска телевизија, корисниците од Македонија ќе можат и натаму да ги следат на сите други кабелски оператори, информираат од Јунајтед Медиа.
„Со операторот А1 соработувавме долги години и жал ни е што не продолжи долгогодишната соработка и покрај нашата добра волја да дојде до тоа. На А1 му беа понудени исти услови за дистрибуција како и на другите учесници на пазарот, но понудата беше одбиена. Со овој потег неговите корисници се ставени во положба да бидат единствени во Македонија што не можат да ги гледаат најпрестижните спортски настани на Спорт Клуб, како и на другите канали на компанијата Јунајтед Медиа (United Media),“ велат од компанијата со седиште во Србија.