Јапонските научници од Универзитетот во Кјото во списанието Springer’s journal Animal Cognition, ги објавиле резултатите од нивното истражување кое што укажува на тоа дека мачките ги разбираат основните физички закони како акција и реакција.
Иако по нивното однесува можеби и не изгледа така, сепак мачките ги разбираат причините и последиците на основната физика. Комбинацијата на тоа разбирање и нивниот неверојатен слуш на мачките им служи кога предвидуваат каде се крие нивниот плен.
Сахо Такаги и неговиот тим од Универзитетот во Кјото направиле истражување кое што укажува на тоа дека мачките врз основа на нивниот слуш можат да погодат каде се наоѓаат предметите кои не ги гледаат и да одлучат како да стигнат до нив.
Научниците истражувањето го направиле со помош на 30 мачки пред кои била протресена непроѕирна кутија во која што се наоѓал некој предмет или била празна.
Во едниот случај се слушал звук, а во другиот не. Мачките подолго ги проочувале оние кутии од кои доаѓал звук, што значи дека разбирале дека во нив има некои работи кои што се тресат и произведуваат звук.
Тоа разбирање на мачките им овозможувало да предвидат дали ќе падне нешто од кутијата доколку ја превртат.
Мачките исто така доста време ги проучувале и оние кутии кои не се совпаѓале со нивните очекување, кутии од кои паѓале предмети, но не давале звук кога биле протресени.
„Мачките користат причинско-последично логичко разбирање, па знаат дека има нешто во кутијата доколку таа тропа“ рекол Сахо Такаги.
Научниците исто така сметаат дека околината влијае врз способноста на мачките за извлекување на информации од она што го слушаат. Мачките таа способност најверојатно ја развиле бидејќи ловат врз основа на звук и често мораат да ја одредат оддалеченоста од пленот кој не го гледаат.
Истражувањето се уште не е завршено бидејќи научниците се интересираат и за тоа како мачката точно го замислува тоа што го слуша и дали може да ја одредат големината и количината само по звукот.