Многукратното повторување на вистината за да можат читателите и гледачите да разграничат што е лажна вест, а што не, во моментов е едниствениот начин на кој политичарите можат да се борат против лажните вести, рече премиерот Зоран Заев како одговор на новинарско прашање на денешната прес-конфереција со српската премиерка Ана Брнабиќ во Владата.
-Нашата земја, Владата и јас како премиер сме целосно и 100-процентно определени кон градење на добри билатерални односи и сигурно нема да дозволиме одредени лажни вести и медиуми со одредена цел да ги нарушат односите. Како и на секој и мене тешко ми паѓа кога ги гледам лагите, невистините и слично. Се обидуваме низ вистината и со одговори да ги дадеме одговорите на овие прашања и ќе продолжиме на тој начин. Лажните вести можат да уништат интегритет, чест, достоинство на една личност, на цело семејство, па дури да направат и непријатели меѓу земјите кои се пријатели, рече Заев.
Премиерот потенцираше дека светот има голем проблем со лажните вести и затоа мора да изнајде институционално решение за борба против нив.
-Политичарите имаат должност да работат на градење на пријателство и да помогнат на стандардизација и разграничување на тоа што е критичко новинарство и што се лажни вести. Критичкото новинарство треба да го има, бидејќи е многу здраво за демократијата за разлика од лажните вести кои ја уништуваат. Кај нас здруженијата на новинари почнаа да работат, медиумите да направат регистар на портали, фејк њус и разграничување што сигурно ќе даде придонес, но досега најсреиозната алатка за борба притви лажните вести е вистината. Многукратно повторување на вистината за да можат читателите и гледачите да разграничат што е лажна вести а што не, посочи Заев.
Српската премиерка укажа дека лажните вести се феномен и проблем на современото време, современите медиуми и социјалните мрежи со којшто се бори цел свет. Тие, додаде, се нешто со што регионалните политичари, но и политичарите од целиот свет ќе треба да се справат и да најдат некој институционален одговор на проблемот со кој ќе се соочуваат долго време.
– Лажните весtи на сите ни одземаат многу време и енергија. Секогаш постои дилема дали да се справиш со лажните вести и да објасниш за што се работи или да се прави нешто што е во интерес на граѓаните што на крајот на краиштата е вашата работа и она за што граѓаните ве избрале и за што ве плаќаат. Сметам дека е подобро да се прави нешто како денеска со отворањето на „One stop shop“ на Табановце-Прешево што може да придонесе кон подобар квалитет на животот на граѓаните, а да веруваме дека на некој начин граѓаните сами ќе заклучат што се вистински, а што лажни вести, рече Брнабиќ.
Немам најдобар можен одговор за ова прашање, додаде, но сметам се додека има поголем број на конкретни инцијативи, заеднички проекти и добри идеи, директна комуникација, меѓусебни посети тоа дава многу појасна слика за меѓусебните односи меѓу двете земји отколку лажните вести.
Во изминатиов период во српските медиуми беа објавени многу лажни вести поврзани со случајот „Рекет“.