Во Собранието продолжи стручната дебата за законот за јавното обвинителство, на која и денеска се присутни и ги слушаат забелешките министерката за правда Рената Треневска Дескоска, државниот обвинител Љубомир Јовески, професори, членови на работните групи и пратеници.
За професорот Александар Климовски работниот текст на законот е спротивен на Уставот, како и претходно законот за СЈО.
За него носењето на овој закон нема врска со евроинтеграцискиот процес и не е услов за добивање датум. Тоа прашање, според него, ќе биде отворено кога ќе започнат разговорите за поглавјето за правосудство.
Во делот на стручните забелешки за содржината на законот, Климовски упати критики за повеќе членови кои се однесуваат на нееднаквиот третман на јавните обвинители, именувањето и изборот на јавните обвинители и други членови.
Џабир Дерала од НВО Цивил позитивно го оцени текстот.Според него, ако овој парламентарен состав не го донесе законот ќе остане запаметен само по „27 април“. Опозицијата, како што кажа, сака уништување на бомбите со законски одредби, но тоа не може да се случи.
Професорот Александар Даштевски ја поздрави дебатата која е препорака на Венецијанската комисија и чија цел е растење на довербата кај граѓаните.
Тој смета дека со законот му се даваат преголеми надлежности на обвинителот што ќе раководи со обвинителството за организиран криминал и корупција.