Музика, квизови, вести, документарци, дебатни емисии и спортска програма во следните девет години ќе може да емитува новата локална телевизија на владиката Петар која во моментов е во процес на регистрација како трговско радиодифузно друштво во Централниот регистар.
Петар Каревски, како што е световното име на Митрополитот преспанско-пелагониски, Владиката Петар, е основач на компанијата Друштво за производство туризам промет и услуги ПРЕОБРАЗБА ДООЕЛ Скопје која добила дозвола од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за емитување која важи за следните девет години.
Телевизијата ќе зрачи во скопскиот регион кој по бројот на жители е најголем, како и во општините општините Чучер сандево, Арачиново, Илинден, Петровец, Зелениково, Студеничани и Сопиште, а ќе емитува програма на македонски јазик.
„Согласно член 77 став 1 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, правното лице ДПТПУ ПРЕОБРАЗБА ДООЕЛ Скопје по приемот на Одлуката за доделување дозвола, треба да регистрира трговско радиодифузно друштво во Централен Регистар на РСМ. Регистрацијата треба да ја достави до Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, која во рок од 15 дена од денот на нејзиниот прием ќе ја издаде дозволата за телевизиско емитување на трговското радиодифузно друштво. Трговското радиодифузно друштво кое ќе биде основано од правното лице ДПТПУ ПРЕОБРАЗБА ДООЕЛ Скопје, согласно Одлуката за доделување на дозволата се обврзува да започне со вршење на дејноста на 1 мај 2023 година“, стои во одлуката на ААВМУ.
„А1он“ праша какви содржини ќе емитува телевизијата чиј сопственик ќе биде компанијата на владиката Петар.
„Согласно доставениот програмски концепт до Агенцијата, во описот на програмските содржини е наведено дека ќе бидат емитувани програми со забавна, образовна и со информативна функција. Предвидено е да се емитуваат информативно – забавни програми, образовно – забавни програми, актуелно-информативни програми, специјализирани информативни емисии, образовни програми, документарни програми, спортски и музички програми, квизови и друга забавна програма, како и играна програма“, рекоа од АВМУ.
Владиката Петар не сака да комуницира со медиумите се додека телевизијата не започне со работа на 1 мај. Неговата компанија доби дозвола за емитување по пат на конкурс на испразнето место по затворањето на некогашната локална телевизија Амазон.
Директорот на Комисијата за верски заедници, Дарјан Сотировски, пак, изјави дека тој нема детали каков концепт е запазен, но очекува субјектот кој добил дозвола од АВМУ да излезе во јавноста затоа што треба да емитува сигнал од 1 мај токму за јавноста.