Националните радиодифузери членки на ММА и јавниот сервис МРТ се сериозно вознемирени од индициите дека со работењето на неколку нови телевизиски сервиси кои се креирани од српски блиски до државата компании се заобиколуваат и злоупотребуваат македонските закони.
ММА и МРТ имаат материјални докази дека спортските канали Arena M1, M2 и M3 Premium подолг период работат без домашна дозвола а нашиот регулатор АВМУ на волшебен начин ги третира како странски програмски сервиси кои се реемитуваат во Македонија, иако продукцијата, новинарите, коментаторите и гостите се во Скопје, студиските емисии се произведуваат тука, а програмата се емитува на македонски јазик.
Дополнително, во евиденцијата на српскиот регулатор REM каналите Arena M1, M2 и M3 Premium не постојат што значи не се домицилни, српски канали. Истовремено, во операторските евиденции одобрени од АВМУ овие канали се водат како странски сервиси кои емитуваат програма на српски јазик!
ММА и МРТ бараат органите на истрагата како и референтните институциите да утврдат дали со ваквото постапување е заобиколена законската обврска за дозвола, дали е причинета штета на буџетот со неплаќање на лиценца и дали постои одговорност кај сопствениците, одговорните лица на ТВ сервисите како и кај службениците на АВМУ.
Бараме да се провери и евентуалното неовластено користење на премиум спортски ТВ-права позната како ТВ пиратерија. За жал долгогодишното незаконско реемитување на одредени канали од регионот како што се Хрватска, Албанија, Босна и Србија бараме кончено да влезе во радарот на македонскиот регулатор.
ММА и МРТ нема да дозволат истиот модел на евентуалното изигрување на законот да биде применет и за најавениот Euronews Македонија, односно АВМУ да го третира како странски сервис на начин сличен на Arena Premium каналите, како што најавуваат нивните сопственици и структури од Белград. Беззаконието кое денес се толерира како исклучок, утре може да стане правило.
ММА и МРТ ќе поднесат соодветни поднесоци до Јавното обвинителство и МВР за да се испита постапувањето и евентуалната одговорност на надлежните лица во АВМУ.
Реакција на ММА и МРТ.
