Првпат во историјата на Индексот за слобода на медиумите на „Репортери без граници“, повеќе од половина од земјите во светот се рангирани во категориите „тешка“ или „многу сериозна“ состојба.
Македонија годинава бележи пад за три позиции и се наоѓа на 45. место, во групата земји со „проблематична“ состојба. Според извештајот, назадување е забележано кај сите пет клучни индикатори што ја мерат медиумската слобода.
Во анализата се истакнува дека телевизијата останува доминантен извор на информации, додека онлајн медиумите имаат значајна улога. Сепак, се прави јасна разлика меѓу професионалните редакции и порталите што плагираат содржини.
„Постои значителен јаз меѓу гледаноста и довербата: најгледаните телевизии – ‘Алсат’, ‘Сител’, ‘МТВ1’ и ‘Канал 5’ – имаат низок индекс на веродостојност“, се наведува во извештајот.
Организацијата нотира и несоодветен однос на дел од владините претставници кон новинарите, како и недоволна транспарентност на институциите. Критичкото новинарство, според извештајот, сè почесто е изложено на притисоци и напади.
Силната политичка поларизација дополнително влијае врз медиумскиот амбиент, при што, како што се наведува, двете најголеми партии имаат изградено паралелни медиумски системи под политичко и економско влијание. Јавниот сервис, пак, се соочува со недостиг на уредничка и финансиска независност.
Во регионот, само Словенија (36) и Црна Гора (41) се во категоријата со „задоволителна“ состојба. Во групата со „проблематична“ состојба, покрај Македонија, се и Хрватска (53), Бугарија (71), Албанија (83) и Грција (86). Босна и Херцеговина (90) и Србија (104) се рангирани во категоријата „тешка“ состојба.
Норвешка десетта година по ред е на врвот на листата, додека Еритреја останува на последното место. Најголем напредок бележи Сирија, со скок од 36 позиции по политичките промени во земјата.
Во извештајот се предупредува дека глобалната состојба со медиумските слободи е најлоша во последните 25 години. Како главни закани се посочуваат криминализацијата на новинарството преку злоупотреба на законите за национална безбедност, СЛАПП-тужбите со цел замолчување на истражувачите, како и политичките притисоци врз медиумите.
САД, на пример, паднаа на 64-то место, делумно и поради засилени напади врз медиумите во политичкиот дискурс.
