Виктор Милановски доби казна затвор пет години и десет месеци а Саша Челикиќ доби казна од две години и два месеци откако беа прогласени за виновни за грабнување на Самоил Костадиновски, внук на претседателот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски.
Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против две лица, од кои едното е обвинето за кривично дело – Грабнување од член 141 став 2 во врска со став 1, сторено во соизвршителство, додека второто е обвинето за помагање при извршувањето на кривичното дело. За истиот настан, постапката против уште едно лице е привремено прекината до негово пронаоѓање и лишување од слобода.
Како што соопшти Јавното обвинителство на РСМ, на 3 март, на улицата „Христо Татарчев“, првообвинетиот, заедно со лицето кое се наоѓа во бегство и други непознати лица, извршиле грабнување на едно лице, со закана дека ќе го лишат од живот. Намерата им била да го натераат оштетениот да плати претходно украдена наркотична дрога – роба во количина од 4 килограми.
Второто лице опфатено со Обвинителниот акт со умисла им помогнало, ставајќи им на располагање средство за извршување на кривичното дело – автомобил „Волво В40“ со скопски регистарски ознаки.
Со возилото обвинетите го однеле оштетениот на непознато место спротивно на неговата волја. Во следните неколку дена, преку пораки на мобилни апликации од непознати испраќачи, членови на семејството и блиски лица на оштетениот добивале пораки со барање за уплата на средства за наводно преземена, а неисплатена наркотична дрога.
Со цел да се прикријат трагите, возилото со кое е извршено кривичното дело и во кое последен пат бил виден оштетениот, било опожарено во Драчево.
Јавниот обвинител, со поднесување на обвинението, предложи да биде продолжена мерката притвор за првообвинетиот, додека за помагачот претходно определените мерки на претпазливост да се заменат со мерка куќен притвор.
Процесот го водеше судијката Славица Наумова Јосифовска.