Илјадници, граѓани го искажаа своето незадоволство, стигнувајќи пред новиот МНТ, каде беа сопрени од полицијата која со силно обезбедување ги разделуваше од контрадемонстрантите од другата страна кои стоеја во близина на Уставниот суд.
„Мафија во робија“, “Нема правда, нема мир“, Оставка, оставка!“ се скандираше пред новиот театар. Активистите од граѓанската платформа „АЈДЕ“, која го организираше протестот, се обратија пред насобраните граѓани.
– Ние кога повикавме на бдеење, повикавме за да го заштитиме Уставот, ама изгледа ќе треба да бдееме за државата. Затоа што Устав без држава не бидува, освен во нивното времето на таканаречен барок во 17. век, тогаш немало устави, тогаш владееле кралеви, деспоти итн. Во оваа држава, за жал, нема веќе устав, тој е згазен за да се заштитат интересите на криминалците кои ни ја крадат волјата. Ни ја украдоа слободата, ни го украдоа правото да бираме, правото да бидеме избирани, но тоа не може да трае вечно. Крајот се гледа, без оглед што сме сега пикнати во ќорсокак. Го показија законот кој гарантира дека граѓаните имаат право на протест, рече Владими Милчин.
Демонстрантите кои беа сопрени од полицијата пред новиот театар, побараа од полицијата да го остварат своето уставно право да протестираат таму каде што беше најавен протестот – пред Уставниот суд.
– Однародената власт сака да го тепа народот, сака да го тепа народот, исто како што направија на 24 декември 2012 година. Нема да им потпаднеме на провокациите и на оваа игра и на ова сцеанрио со кое некој сака во Македонија да потече крв. Тие граѓани што се таму се уплашени, донесени под закана, под притисок, тие граѓани умираат секој ден, рече Петрит Сарачини, активист.
Активистите и граѓаните организирани од граѓанската платформа АЈДЕ, по масовниот протест вечерва ја повлекоа одлуката да преноќат пред МНТ,заради информациите дека владејачката партија од повеќе градови собира контрадемонстранти кои утре треба да дојдат пред Уставен суд.