Министерот за правда, Никола Тупанчески, во интервју за „А1он“, коментирајќи ја „војната“ помеѓу суспендираната обвинителка Вилма Русковска и директорот на Финансиската полиција, Арафат Муареми, вели дека случувањата упатуваат кон тоа дека таму се случува нешто што не треба. Тој вели дека институциите треба да го решат скандалот.
„Тоа е непријатна ситуација, генерално, затоа што првиот човек на Управата за финансиска полиција и првиот човек на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција паднаа пред криминалот. Тоа е она што ние го знаеме. Но ќе речам, тоа не е воопшто добро за државата. И втора работа, да оставиме, правниот расплет да го дадат институциите. Веќе се водат постапки. Тука е Советот на јавни обвинители, но имаат и други институции улога“, рече Тупанчески за „А1он“.
Тој вели дека нема информација дека политиката меша прсти во падот на Русковска и Муареми.
„Не би смеела политиката да меша прсти во ова. Не би смеела затоа што зборуваме за институции што се базични, кои треба навистина да се пример, парадигма како се бориме против организираниот криминал. Јас немам информација дека меша прсти. Тие институции се институции кои треба да имаат блиска соработка и соработувале во извесен период. Ваквата моментна позиција, дека навистина има сериозно недоразбирање меѓу нив со поднесување на кривична пријава во Обвинителство, интервенција на републичкиот обвинител, остава можност, остава простор дека таму се случува нешто што не треба“, додаде Тупанчески за „А1он“.
За постапка која ја води Комисијата за дисциплинска одговорност, коментираше и републичкиот обвинител Љубомир Јовески. Тој посочува дека треба да се обезбедат докази, па да се повика Русковска, но и Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска кои треба да дадат своја верзија за претресот поради кои се гонат.
„Комисијата за дисциплинска одговорност го разгледа предлогот за покренување на дисциплинска постапка. Колку што сум информиран, по тој предлог, донесе решение за поведување на дисциплинска постапка. Натаму знаете, во тој дел, во самата постапка треба да се обезбедат определени докази, треба да се произнесат јавните обвинители против кои се води оваа постапка. Подолго време не е направен надзор, не само во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција туку и во другите обвинителства, имајќи ги во предвид состојбите со Ковид-19. Во овој период беше извршен надзор во определени обвинителства, но, само онаму каде потребите тоа го налагаа“, рече Јовески.
„Војната“ меѓу Русковска и Муареми се разгоре откако Обвинителството за гонење организиран криминал изврши претрес во Управата за финансиска полиција. Со извештај од Рупубличкото обвинителство беше констактирано дека претресот не бил законски зошто го правел несоодветен обвинител, но и дека на судот кој ја издал дозволата, му биле презентирани погрешни факти. По ова, Јовески и покрена дисциплинска постапка на Русковска, па ја суспендираше, по што, Советот за јавни обвинители ја потврди оваа одлука.