Светски познатата историчарка Марија Тодорова, денеска, во преполниот клуб ГЕМ, одржа предавање насловено „Дали постои слаб национализам и дали е тоа корисна категорија?“ Таа на предавањето изложи свои најнови сознанија, од кои дел, се’ уште не се објавени.
Тодорова говореше за своите истражувања и анализи на историографијата и на типологијата на национализмот, а особено државно спонзорираниот национализам, се осврна на концептот за т.н. „слаб национализам“. Користејќи ја компаративно оваа аналитичка категорија, таа го толкува национализмот во Бугарија и во Македонија како два примери – студии на случај, во рамките на балканскиот, европскиот и глобалниот контекст.
– Мојот втор пример за слабост (освен Бугарија) е Македонија во сегашно време. Архитектонските градби кои требаше да ја издигнат нацоналната гордост, убавиот главнен град, од класичен го претворија во она што сега е познато како „македонски барок“ ги содржат сите стапици на национализмот. Би се очекувало дека силата, ентузијазмот гордоста ќе бидат најсилни кај првата генерација националисти по стекнувањето на независнст на државата, но мислам дека не е така. Македонија е мала земја, маше неколку критични моменти во својата кратка истоија од осамостојувањето и иако тоа не е сосема точно, распострането е верувањето дека македонскиот територијален интегритет е под закана и од она што го гледам и го читам може да се види дека меѓу Македонците има чуство на несигурност. Како резултат на тоа артикулацијата на македонскиот национализам е екстремно дефанзивна. И френетичната антиквизација, според пишувањата на повеќе антрополози, е знак на очаен обид за национално брендирање во рамки на современиот неолиберален капитализам. Заради слабите институции, недостигот на помош од страна и културната несигурност – на дело е екстемен национализам. Мислам дека македонската нација во контекст на граѓанство е се’ уште во развој, рече Тодорова.
Според неа, пораката на секој национализам е по дефиниција, екстремистичка.
Марија Тодорова е професор по историја на Универзитетот Илиноис во САД, а нејзина специјалност е историјата на Источна Европа, со особен фокус на Балканот и Османлиската империја во модерниот период. Тодорова предавала на универзитетите во Софија и во Флорида и била гостин-професор на низа универзитети во САД и Европа, меѓу кои Харвард, Рајс, Калифорнија-Ирвин, Босфорскиот универзитет и многу други.
Авторка е на повеќе монографски публикации, есеи и статии за социјалната и културната историја, историската демографија и историографијата на Балканот во 19. и 20. век, со посебен фокус на проблемите на национализмот, особено на симболиката на национализмот, националната меморија и националните херои.
Нејзина најзначајна книга е „Замислувајќи го Балканот“ која е преведена на тринаесет јазици. Во Македонија е преведена од издавчаката куќа „Магор“.
Модератор на настанот во организација на Фондацијата Отворено општество – Македонија беше Ирена Стефоска, професор на Институтот за национална историја, која ја претстави гостинката и рече дека професорката Тодорова се занимава со емотивните аспекти на национализмот, особено на чувствата на гордост и понижување како централни вектори на мобилизирачката моќ на национализмот.
А.Б.