Веќе втора недела, Стојанче Ангелов, претседател на Достоинство, протестира против неемитувањето на МРТ на „бомбите“ на опозицијата кои содржат податоци за криминал и корупција на функционерите на власта. Денеска, пред Јавното обвинителството тој соопшти дека имал средба со генералниот секретар на Јавното обвинителство.
– Тој ме извести дека во наредните неколку дена ќе бидам примен од нелегитимниот јавен обвинител пред кој ќе ги повторам нашите барања. А тоа е врз основа н акоја нивна одлука објавија соопштение до медиумите во кое неформално и’ забрануваат на МРТ да ги емитува разговорите што ги објавува опозицијата, рече Ангелов
Тој го потсети дека на втората програма на Македонската телевизија секојдневно можат да се слушнат снимките што ги објави опозицијата. Ангелов прашува како е можно на првиот канал на Македонската телевизија да не смеат да се емитуваат, додека на втората програма тоа се прави.
– Дали е тоа така бидејќи контролата на првиот програмски сервис има ВМРО ДПМНЕ, а вториот програмски сервис го контролира ДУИ. Дали тоа покажува дека има разлика во ставот за тоа дали овие разговори треба да емитуваат помеѓу ВМРО ДПМНЕ и ДУИ. Бараме на кој закон и на кој член се заснова скандалозната одлука на Обвинителството да забрани емитување, која е спротивна со Уставот, спротивна на домашните закони, но и со меѓународните конвенцвии, воедно го прашуваме обвинителот дали презел мерки против радијата, телевизиите и порталите кои веќе со недели ги објавуваат овие снимки, рече Ангелов.
На новинарско прашање дали е тој човекот што треба да бара оставка од Зврлевски, Англеов одговори дека е тој најсоодветниот човек во Македонија да бара оставка од јавниот обвинител.
– Ако Зврлевски не си иде сам, јас ќе го тргнам заедно со грѓаните, рече Ангелов
На прашање дали неговота борба е донкихотовска тој одговори:
– Јас ви личам на Дон Кихот или на гладијатор? Кога ќе сфатат дека ова е премногу сериозно, ќе биде доцна. А дека е ова сериозна иницијатива говорат секојдневните медиумски напади, за кои заедно со Јове Кекеновски ќе поднесеме тужби за навреда и клевета, против нечесните клеветници.
И на врапците во Македонија им е јасно дека живееме во режим и дека Горан Петрески од страв од режимот не ги објавува снимките и соопштението од Обвинителството го користи само како алиби. Сакам да го избијам ова алиби од неговите раце, за да тој нема алиби и да мора да ги емитува овие снимки, вели Ангелов.
Од информациите што ги има Ангелов, Обвинителството нема одлука за забрана на емитувањето
– Тоа е криминал, без да имаат одлука, пуштаат соопштение во јавност. Нели сме ние правна држава? Доколку нема таква одлука, тогаш ова соопштение е нелигитимно. И тие немаат каде, ден, два ќе бегаат, ќе измислуваат, а војната ќе ја изгубат за неколку недели, рече генерал Ангелов.
Стојанче Ангелов и вечерва во 19 часот ќе биде пред МРТ бидејќи смета дека само со континуиран притисок може да се постигне јавниот сервис да престане да го штити режимот, туку да биде во служба на сите граѓани.