Судењето за предметот „Насилство во општина Центар“ денеска продолжи во доказна постапка со презентирање на видео снимките од медиумите кои биле присутни на 7 и 10 јуни 2013 година во просториите на општината пред која неколку стотици граѓани протестираа против точката на дневниот ред на Советот на општината, поништување на Деталниот урбанистички план „Мал ринг“.
Една од причините поради бунтот на граѓаните е тоа што во јавноста беше пласирана информацијата дека со поништување на ДУП-от ќе биде срушена и црквата Св. Константин и Елена.
На вознемирувачки снимки од нападнатата барака во општина Центар се слуша како толпата извикува погрдни зборови за тогашниот градоначалник на Центар, Андреј Жерновски, како и за советниците од тогашната опозициска СДСМ. На снимките се гледа и како дел од граѓаните удираат по прозорите на општината, со цел седницата на Советот да биде прекината.
-Каде ќе ти оди душата, на тој свет таму. Има едно место за тебе, до Борис Трајковски таму ќе ти дадам јас. Ќе ти купам сандак и на тие околу тебе. Ќе рушиш црква, ќе ти го рушам мозокот да знаеш, антихрист, антифашист, арамијо. се слуша од снимките во судницата во Кривичниот суд.
Во судницата се прикажуваат и снимки од надвор на кои се гледаат сите обвинети и нивното насилно брутално однесување. На снимкјите се гледа дека неколкуте полицајци не мрдаат со прст додека бараката, градоначалникот и советниците се под опсада.
За случајот „Насилство во Центар“ првообвинет е експремиерот Никола Груевски заедно со поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески и актуелната пратнеичка од ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова.
Според обвинението на 1 јуни 2013 година Груевски тогашен претседател на ВМРО-ДПМНЕ преку министерот Јанакиески ги поттикнал останатите обвинети во случајот да во група со повеќе лица извршат грубо насилство спрема тогашниот градоначалник на општина Центар Андреј Жерновски како и спрема советниците од советничката група на општина Центар. од редовите на коалицијата предводена од СДСМ.
Како што стои во обвинението Груевски во телефонски разговор со второобвинетиот Миле Јанакиески воден на ден 01. јуни 2013 година во 20:57:33 часот со времетраење од 4 минути и 4 секунди побарал второобвинетиот да организира да се собере група членови на партијата и да се изврши грубо насилство врз градоначалникот на Центар. Според обвинението Јанакиески го прифатил тоа по што дал насоки на хиерархиските подредени лица во партијата ги известат сопартијците дека седницата ќе се одржи на 7 јуни, па преку насилен протест да го одложат стопирањето на Деталниот урбанистички план „Мал ринг“.
Виктор Јованов