ВИДЕО: Му направиле депонија на плацот, а кога се побунил ќе го натепале

Од:

Земјиштето на Нино Здравков од Бутел за два месеци се претворило во депонија со градежен шут кој секојдневно го носат десетици камиони на приватни компании. На земјиштето истураат купишта земја, искршени керамиди и цигли, но и парчиња бетон. Екипата на „А1он“ не можеше да пристапи до плацот на Здравков, кој буквално е затрупан со шут, а можеа да се забележат и стари машини, бојлери, шпорети. Револтиран, вчера се обидел да ги сопре камионите кои без негова дозвола истураат земја, но како што тврди тој, за малку ќе добиел ќотек.

„Сакав да направам снимки дека нелегално фрлаат ѓубре на мојот плац. Дечките беа дрски, излегоа од камионот и ми се развикаа. Буквално ме избркаа од моето земјиште“, вели Здравков.

Тој за неговиот проблем тропнал на вратата на Општина Бутел, пријавил во полиција и кај надлежни инспекции. Но, како што тврди, секој од нив се прогласил за ненадлежен за негово решавање.

„Се знае дека шутот го фрлаат соседите од блискиот плац, тој тврдеше и дека имал устен договор со општината за оваа работа. Во општината ми кажаа дека за ова не знаеле и дознале од мене. Побарав надлежни служби да интервенираат и да го исчистаат ѓубрето, а тие што фрлаат да ги казнат. Но, од Бутел кажаа дека не биле надлежни и дека тоа било приватен имот.“

Екипата на „А1он“ беше на соседниот плац, каде што начекавме најмалку три камиони што исфрлаа земја и градежен шут. Камионите ги насочуваше извесен Цуки, кој не сакаше да се претстави, но тврдеше дека е еден од тројцата сопственици на плацот.

„Еве ви имотен лист, ова е мојата парцела од 25.000 м2, ова е на комшиите. Приватни фирми што чистат по рушење носат земја овде. Сакам да го израмнам плацот, кој има дупки, и тука да направам плац за камиони.Ова е приватен имот и можам да правам што сакам, знаат од општината. Камионите кај соседот не се мои, тоа се на ‘Комунална хигиена’. Но и покрај тоа, ветив дека кога ќе го израмнам мојот плац, ќе пуштам скипер да го израмнат и неговиот“, вели наводниот соственик на соседната парцела.

Од „Комунална хигиена“ за „А1он“ реагираа на обвинувањата и тврдат дека „Комунална хигиена“ нема камиони за таква намена и не исфрла шут.

„Да влезете во туѓ имот и да фрлате ѓубре е кривично дело. Од друга страна, нашите камиони имаат навигатор, го следиме нивното движење, така што не е возможно наш камион без наше знаење да завршел во Бутел, покрај реката Серава“, велат од ЈП „Комунална хигиена“.

Иако од Општина Бутел прво кажаа дека се ненадлежни за проблемот со дивата депонија, сепак решиле да интервенираат. Најавија заедничка акција со Град Скопје за чистење на шутот.

„Таму има нерегулирани имотни односи. Парцелата на која се фрла шут 60% е во сопственост на државата, 40% на физички лица. Ние испративме барање до Град Скопје и заеднички ќе направиме напори да го исчистиме шутот, за да спечиме евентуално настанување на депонија од поголеми размери и еколошка катастрофа. Освен тоа, на лице место излезена е и екипа од УЈП, затоа што одредени лица зеле пари на рака од камионите што ја исфрлале земјата“, инфромираа од Општина Бутел.

Не е првпат граѓани да направт диви депонии во овој дел од градот. Пред 4 години на ова место екипи на „Комунална хигиена“ чистеа депонија од која извадија 200 кубни метри отпад, градежен шут, кабасти предмети и стари електрични апарати за домаќинство.

Би можело да ве интересира

Дива депонија во Визбегово, Арсовска најави кривични пријави

Реакција на Општина Ѓорче Петров: Арсовска да не раскажува ловечки приказни, нека сработи нешто

Арсовска: Вработен во Ѓорче Петров имал дива депонија, општината била клиент, следуваат кривични пријави

Александар Тодески

Во Шведска изби најголемиот еколошки скандал во последните 50 години, обвинети се 11 лица

Велес пред нова еко-катастрофа: Троската од Топилница полна со олово ќе се дроби и меле пред да се извезува

Орце Костов

ЦУК: Да не се палат ниви и диви депонии, се уште има пожари на отворен простор