(ВИДЕО) Ангелов: Војводата, братот и генералот заедно против лопатарот

Од:

Дајте ми пушка берданка и остра сабја дамасклија и кажете кој треба да се среди, но откако ќе почуствувам енергијата која што излегува од сите вас собирам сила и сфаќам дека имам должност и дека морам да се борам. Ако во 2001 година со оружје се борев за мојата татковина, денес со политика морам да ја довршам мојата борба, рече Стојанче Ангелов, носител на листата во третата изборна единица од коалицијата „ВМРО за Македонија“.

Ангелов рече дека го посетил споменикот на бранителите кои загинале во конфликтот во 2001-та година, каде размислувал за што се бореле во 2001 година и за каква Македонија тие загинале.

– За ваква сигурно не. За Македонија во која ордите на УЧК против кој што се боревме во 2001 година денес ќе бидат најверни сојузници на Никола Груевски и фамилијата. За ваква Македонија не се боревме, не се боревме за Македонија во која Никола Груевски ќе ги амнестира злосторниците опфатени со хашките случаи, злосторници кои се исживуваа врз невино цивилно население, злосторници кои убија македонски татковци, браќа, синови и сестри, злосторници кои останаа неказнети затоа што Никола Груевски ги амнестираше спротивно на македонските закони и меѓународната практика, рече Ангелов.

Ангелов потсети и дека командант на терористичката организација против која македонската армија се бореше во 2001-та година станал министер за одбрана.

– Никола Груевски го згази нашето достоинство, го згази достоинството на македонските бранители, не понижи до тој степен што дури и командант од УЧК што пукал по нас бранителите, кој што убивал македонски синови го постави за министер на армијата, за министер на истата онаа армија чии војници ги убивал во 2001-та година, рече Ангелов додавајќи дека чувствува должност и обврска да ја продолжи борбата за Македонија.

Многумина македонски граѓани, вели Ангелов, барајќи подобар живот, бегајќи од мизеријата која што ни се случува последните десетина години побегнаа во светот, се распрснаа на сите страни оставајќи понатаму да имаат комуникација преку интернет.

– Зарем тоа го заслуживме ние, зарем заслуживме вакви трауматизирани да рмбаме и да се бориме по белосветските жаришта, таму каде што може да се загине, рече Ангелов.

Според Ангелов, Никола Груевски го тргна патот на Македонија од Европската унија и НАТО со цел непречено да пљачкосува потпомогнат од српскиот шпион Латас како и многу други смешни ликови како Амди Бајрам.

Ангелов вели дека Груевски намерно става партии кои се слични со името на СДСМ и имињата на носителите на листите од опозициската партија со цел да ги збуни повозрасните гласачи.

– Тоа е еден од начините на кои ВМРО победува, еден од начините кои му даваат предност на Никола Груевски додека лажно се повикува на македонските народ и македонските граѓани, вели Ангелов.

Тој вети поголема грижа за бранителите, армијата и полицијата доколку Коалицијата „ВМРО за Македонија“ освои доволен број пратеници како и дека ќе се актуелизира законот за бранителите.

Ангелов истакна дека не можел ни да претпостави дека ќе дојде време кога тој заедно со тогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, како и со тогашниот министер за внатрешни работи, Љубе Бошкоски повторно ќе се бори за слободна и демократска Македонија.

-Овој пат ние доаѓаме, доаѓаме заедно. Војводата, братот и генералот заедно против лопатарот засилени со безброј чесни и намачени македонски граѓани. Ние доаѓаме за да ја вратиме Македонија на правиот пат, заврши Ангелов.

Би можело да ве интересира

Ангелов предлага да се одликуваат тројца починати генерали кои учествуваа во конфликтот во 2001 година

Жарко Настоски

Ангелов: Да излеземе и да гласаме „ЗА“ за нашата иднина, за европска Македонија

Ана Ололовска

(ВИДЕО) Бошкоски: Оваа гарнитура од ВМРО-ДПМНЕ дефинитивно заминува во историјата

Ана Ололовска

Груевски: Некои партии кои се во служба на СДСМ може ќе станат дел од новата влада

Наум Локоски

Георгиевски, Бошкоски и Ангелов подготвуваат офанзива

Ана Ололовска

Ангелов: Лажниот патриотизам на Никола Груевски

Ана Ололовска