Сакам да им порачам на сите граѓани без оглед на верската, етничка или партиска припадност, ние немаме избор , не е важно дали сакаме, ние мораме да живееме заедно, морам да се бориме заедно, Македонци и Албанци заедно против криминалците – порача денеска поранешниот генерал и лидер на „Достоинство“, Стојанче Ангелов од пред споменикот на бранителите во паркот „Жена борец“.
Тој ги демантираше тврдењата на провладините медиуми дека со своите активности има намера да предизвика дестабилизација во Македонија и разгорување на меѓуетнички кофликти.
Ангелов вели дека на Македонија не и се заканува такво сценарио и предлага да се отвори широкоа дебата за меѓуетничките односи со цел да се започне изградба на граѓанско општество со рамноправни граѓани.
– Последниов период има обиди од врвот на режимот да се предизвика меѓуетнички конфликт и при тоа вината да ја префрлат врз мене и врз лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Граѓаните нека не се плашат, нема никаква опасност од дестабилизација и нов меѓетнички конфликт. Никој не е луд повторно да се убива за некој да си го сокрие криминалот кој го врш со години наназад, за некој да ги однесе украдените ститици милиони евра. Немаме намера понатаму да се убиваме за некој да ги однесе украдените пари – изјави тој.
Од името на својата партија, Ангелов предлага укинување на Охридскиот рамковен договор затоа што, вели, станува збор за дискриминаторски акт.
– Да го разгледаме прво Охридскиот рамковен договор и да разговараме за негово етапно укинување затоа што е дискриминаторски кон сите граѓани. Треба да се набљудуваме како граѓани на Македонија без разлика на верската или етничката припадност. Охридскиот рамковен договор и дава предност на одредена група граѓани затоа што припаѓаат на одредена етничка група, тоа не е во ред – рече Ангелов.
Освен тоа тој предлага и поништување на територијалната организација направена, вели, од етнички прични, а предлага и одговорност да сносат злосторниците од граѓанскиот конфликт кои се изживувале, вели, со етничкото население. Ангелов бара и обесштетување на семејствата на загинатите, на воените инвалиди, раселените Македонци и на други оштетени граѓани.
– Доста се делевме на Македонци и Албанци, ние сите сме граѓани на оваа држава. Хашки случаи и злосторниците мора да одговараат порано или подоцна и покрај амнестијата што им ја даде Груевски – посочи тој.
Ангелов најави дека утре вечер ќе ги спротивстави своите ставови со поранешниот командат на УЧК, Абедим Зумбери, во дебатна емисија на Алсат ТВ.
Маја Васева