Претседателот на „Достоинство“ Стојанче Ангелов денеска го пријави неговиот кум Зоран Крстевски во МВР, обвинувајќи го дека од фејсбук профилот и праќал на неговата малолетна ќерка пораки со сексуална и вознемирувачка содржина.
Токму ваквото однесување на Кртсвески, Стојанче Ангелов го наведе како единствена причина за неговото повлекување од политиката и поднесувањето оставка од претседателската позиција во „Достоинство“, која според него била причина за да го запостави своето семејство семејството.
И покрај неговите досегашни јавни настапи со кои остро ја критикуваше работата на полицијата, тој денеска изјави дека е презадоволен од односот на МВР, а за сите подетални информации во врска со случајот – им порача на новинарите да бараат од полицијата и Обвинителството, бидејќи не сакал да ја попречува нивната работа. Ангелов не ја критикуваше ниту власта, само како што рече албанскиот екстремизам.
– Во јавноста ќе реагирам исклучиво против великоалбанскиот екстремизам, бидејќи тоа е борба за Македонија. Оставката ја давам бидејќи чувствувам морална одговорност затоа што со мојата заслепеност со политички активности дозволив змија да се вовлече во моето семејство. Од 2001 година до денес, ниту од член на УЧК, ДУИ или ВМРО – ДПМНЕ на ниту еден начин не бил загрозен член на моето семејство. Се „тепавме“ без правила, но без мешање на жени и деца. Монструмот Зоран Крстевски нападна мое дете, неколку дена по ред ја валка честа на мојата жена, а денеска посегна и по честа на моите два браќа – изјави Ангелов.
Генерал Ангелов нетипично за него, не сакаше да одговора на прашања на новинарите, со што избегна да даде одговор дали случајот со неговата ќерка е единствената причина за неговото повлекување од политичката сцена, како што вели на неопределено време или пак има и некоја друга причина.
Петар Клинчарски