Утврден сомнителен случај на беснило кај мачка во Радишани

Од:

Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Македонија во понеделникот, на 13 мај, утврди сомнителен случај на беснило кај улична мачка од подрачјето на скопската населба Радишани.

Финалните лабораториски резултати од Факултетот за ветеринарна медицина се очекуваат во попладневните часови, меѓутоа клиничките знаци и методот на флуоросценција укажуваат на присуство на беснилото, изјави денеска на прес-конференција директорот на Агенцијата Дејан Рунтевски.

Примероци се земени уште од две мачки за кои исто така постои сомнеж за присуство на болеста.

Мачката за која постои сомнеж дека има беснило во неделата, на 12 мај, гризнала едно лице на кое му е пружена неопходната медицинска помош.

Ова е прв потврден случај на беснило по 14 месеци кога оваа болест лабораториски беше потврдена кај домашна мачка во радовишкото село Јаргулица. Веднаш по утврдувањето на состојбата, Агенцијата за храна и ветеринарство презеде низа мерки за контрола на болеста меѓу кои се нареди задолжителна вакцинација на сите кучиња и мачки кои не се вакцинирани против беснило, заловување на уличните кучиња и мачки во регионот на населбата Радишани и нивно ставање под надзор во стационарот во Вардариште.

-Апелираме граѓаните да ја почитуваат законската обврска и задолжително да ги вакцинираат своите кучиња и мачки и на најблиското ветеринарно друштво или на ветеринарните инспектори да го пријават секое невообичаено однесување на домашните миленици или евентуално на диви животни. Во случај на напад, гризнување од улично, домашно или диво животно, веднаш да се обратат до својот матичен лекар, нагласи Рунтевски.

Повеќе информации во врска со беснилото (симптоми, превенција, информативни брошури) може да се најдат на веб страницатаwww.besnilo.gov.mk

Во насока на сузбивање на оваа опасна болест, Агенцијата за храна и ветеринарство ќе продолжи со спроведувањето на оралната вакцинација кај дивите животни како најзначаен извор и преносител на беснилото.

Во април годинава заврши пролетната кампања за орална вакцинација на лисиците против беснило. Станува збор за четврта кампања, која како дел од регионалната програма за сузбивање на оваа болест, со финансиска поддршка од Европската унија, покрај во Македонија, се спроведува и во Косово, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска и Бугарија, а се очекува наскоро да започне и во Грција и Албанија.

Почнувајќи од мај 2011 година кога почна имплементацијата на програмата, реализирани се четири вакцинални кампањи.

Би можело да ве интересира

32-годишен кавадарчанец мачел животни, заработи кривична од ОЈО

ВИДЕО: Возач во Виница влече врзано куче, во Штип човек со пушка стрела мачки

Орце Костов

(ВИДЕО) Млад скопјанец удира од земја и повредува мачка – Изживување врз животни во Лисиче

Орце Костов

Илјадници мртви фоки на дагестанскиот брег на Каспиското Езеро

Ана Ололовска

Бучавата во животната средина влијае на изборот на партнери кај животните, покажува истражување

А1он

Во Косово спречен шверц на овци и телиња од Македонија