Главен момент кој го убедил Звонко Костовски дека мора да се извадат телефонските разговори е настанот кога со полиција се направи упад во телевизијата А1. Ова значеше дека на власт е семоќна структура која доколку продолжи така нема да може да се контролира, сведочи свиркачот Ѓорги Лазаревски кој заедно со Звонко Костовски ги извадија незаконски прислушуваните разговори од МВР.
-Звонко исто како мене сметаше дека нешто треба да се стори за да не се злоупотребуваат системите кои треба да служат за безбедност, а не за набавување информации од граѓаните. Додека јас и Звонко проучивме начин како може да се вадат податоци се случи поврзувањето со Верушевски кој што долги години не живееше тука односно беше на дипломатска мисија во Рим, вели Лазаревски.
На средбата со Верушевски, Лазаревски кажа дека бил отворен кон него и му кажал какви размислувања има. На ова Верушевски одговорил дека информациите мора да се зачуваат и анализираат.
Лазаревски истакна дека до тој момент немале некоја значајна бројка на експортирани информации односно дека вистинското вадење започнало откако бил воспоставен контакт со Верушевски.
Предавањето на првиот диск кој Звонко му го дал на Лазаревски се случило во ходниците на МВР. Лазаревски веднаш потоа го дал на Верушевски. Потоа следеле повеќе предавања на дискови во период од една година, за подоцна да се префрлат на усб стикови. Свиркачите направиле база на податоци која ја крстиле „Алес“ и која за кратко време станала доста голема.
Виктор Јованов