Стојанче Ангелов, преку својот Фејсбук профил извести дека Државната изборна комисија одобрила започнување со собирање на најмалку 100 иницијални потписи со кои ќе се продолжи иницијативата за референдум со работен наслов „Достоинство за Македонија“, составена од 4 референдумски прашања.
– Иницијалните потписи од граѓаните ќе ги собираме утре во Скопје во подрачните одделенија на ДИК во Карпош, Центар, Гази Баба, Чаир и Кисела Вода, како и во четврток во Кичево и Струга. Сите граѓани кои се заинтересирани да дадат подршка на нашата иницијатива за референдум можат да дојдат вечерва во 20 часот на нашиот работен состанок во штабот на „Достоинство“. За граѓаните кои не знаат каде се наоѓа штабот на „Достоинство“ нека дојдат во 20 часот пред гимназијата „Јосип Броз Тито“ во центарот на Скопје – пишува Ангелов на својот Фејсбук профил.
Како што пишува тој, заради подобра организација, граѓаните од Скопје, Кичево и Струга кои сакаат да се потпишат како иницијатори на нашата референдумска иницијатива пожелно е да се пријават кај пензионираниот армиски полковник Богослав Лескаровски на 075/290-760, од кого можете да ги добиете сите информации околу иницијативата.
Во продолжение ви ги пренесуваме референдумските прашања:
- Дали сте за или против Законот за територијалната организација на локалната самоуправа во Република Македонија?
- Дали сте за или против автентичното толкување на членот 1 од Законот за амнестија со кое се ослободуваат од гонење, се запираат кривичните постапки и потполно се ослободуваат од извршувањето на казната затвор извршители на воени злосторства против цивили во конфликтот од 2001 година?
- Дали сте за или против припадниците на ОНА, кои учествувале во конфликтот во Република Македонија во 2001 година, да вршат јавни функции во Република Македонија?
- Дали сте за или против припадниците на ОНА, кои учествувале во конфликтот во Република Македонија во 2001 година, да добијат посебни права утврдени со закон?