Редовна исплата на пензиите, зголемување на најниската и просечната пензија како и Бањско климатска рекреација и бесплатен туристички викенд за пензионерите се дел од проектите со кои ВМРО-ДПМНЕ го врати достоинството на пензионерите односно на старите лица во Република Македонија.
Ова го истакна Диме Спасов заменик министер за труд и социјална политика во отчетот за сработеното во Министерството од 2006 до 2016 година денеска во прес-центарот на ВМРО-ДПМНЕ.
– Оваа Влада обезбеди исплата на пензии секоја прва седмица од месецот истовремено за сите пензионери. Дополнително го јакневме стандардот на пензионерите така што најниската пензија ја зголемивме за 90,32 проценти од 4.330 денари во 2006 година на 8.241 денари во 2015 година. Додека пак просечната пензија ја зголемивме за 70,1 отсто, во 2006 таа изнесуваше 7.688 денари а во 2015 година 13.077 денари, истакна Спасов.
Тој потсети на проектите кои на барање на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија се реализираа Бањско-климатската рекреација и Бесплатен туристички викенд за пензионери. Информира дека Бањско климатската рекреација од 2010 година до 2015 ја искористиле над 32.630 лица, а проектот бесплатниот туристички викенд го искористиле над 2.500 лица.
За згрижувањето и квалитетното поминување на времето на старите лица, Спасов ги истакна отворените вкупно девет дневни центри на територија низ цела држава.
– Паралелно ги подобрувавме условите за живот и престој на корисниците во постоечките старските и пензионерските домови. Во 2014 година го отворивме новиот современ објект на Дом за стари лица „Сју Рајдер“-Битола, а во 2015 година ставен е во функција Дом за стари лица „Д-р Иван Влашки“ – Берово. Спроведовме и реконструкција на пензионерските домови во Ѓорче Петров и Чаир а во 2015 година се реконструираа и пензионерските домови во општина Аеродром, општина Гази Баба, информира Спасов.
Во тој контекст, како исклучително значајна мерка, тој го посочи и стимулирањето за отворањето на приватни домови за стари лица која предвидува продажба на градежно земјиште по цена од 1 евро за м2, намалување на цената на комуналните такси за 95 проценти, поддршка преку Македонската банка за поддршка на развојот, Агенција за поттикнување на претприемништво и Агенција за вработување на Република. Во Македонија, рече Спасов, досега се отворени 17 приватни установи за социјална заштита на стари лица, а од оваа година Агенцијата за вработување од годинава доделува неповратни средства за набавка на основни средства и опрема за домови за стари лица со минимум капацитети за сместување на 40 лица и минимум 4 вработувања во висина од 750.000 денари.
– За намалување на трошоците за превоз на пензионерите обезбедивме бесплатен јавен транспорт во градскиот сообраќај во Скопје во текот на четири дена во неделата и бесплатен викенд за стари лица за превоз во железничкиот сообраќај низ државата за мажи над 64 години и жени над 62 години. Оваа мерка досега ја имаат искористено над 40.000 лица, истакна Спасов.
Во однос на социјалната заштита, Спасов потсети дека социјалната парична помош од 2006 година до 2015 година се зголемила за 61,8 проценти, постојаната парична помош за 60,5 отсто како и правото на помош и нега од друго лице која е зголеменаивме за 32,7 проценти.
– Дополнително како подршка на социјално ранливите категории го превзедовме проектот Отпис на долгови на граѓани од ранливи категории при што се отпишуваа долговите на корисниците на социјална помош и постојана парична помош, невработени лица кои активно бараат работа подолго од 12 месеци и лицата кои се изложени на социјален ризик поради смрт на брачен другар или инвалидност или потешка болест настанати во последните пет години. Во рамки на овој проект донесени се 14.869 одлуки за отпис на долгови и отпишан е долг во износ од 1.798.493.393 денари, истакна Спасов.
Се осврна на проектите кој се реализира од 2010 година „Заштита од енергетска сиромаштија“ кој предвидува секое семејство корисник на социјална парична помош секој месец да добива неповратни финансиски средства за покривање на дел од трошоците за потрошена енергија и финансиска подршка во износ од 12.000 денари годишно на учениците во средното образование кои доаѓаат од социјални ранливи семејства. Домаќинствата кои се наоѓаат во социјален ризик и се корисници на социјална и постојана парична помош од 2014 година се ослободени од плаќањето на радиодифузна такса.
Спасов потсети на мерките за невработените лица во социјален ризик на пазарот на труд кои се опфатени во посебна категорија во проектот Македонија вработува потоа во неколку мерки од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување при што се вработени 1.600 лица во јавната администрација од социјално загрозени семејства како и Програмата Д-10 за вработување на лица кои до 18 годишна возраст имале статус на деца без родители и без родителска грижа преку која досега се вработија вкупно 143 лица.
– Во 2012 година го воведовме правото на додаток на слепило за потполно слепи лица во износ од 7.000 денари потоа правото на додаток на мобилност во износ од 7.000 денари за лица со 100 проценти телесен инвалидитет со навршени 26 години, лица со квадриплегија или со умерени, тешки и длабоки пречки во менталниот развој кои користат инвалидска количка со придружник. Во 2014 година воведен е паричниот додаток на глуви лица е 4.000 денари заради обезбедување социјална интеграција на потполно глувите лица, истакна Спасов
Тој во отчетот ги потенцира и мерките за самохрани родители на дете со пречки во развојот на кои им е зголемен посебниот додаток 50 проценти и 25 отсто за материјално необезбедени родители на деца со пречки во развојот.