Советот за утврдување факти до Судскиот совет доставил предлог со кој бара да биде разрешен петчлениот Кривичен совет на Врховниот суд, на чело со претседателот Јово Вангеловски, што одлучуваше за притворот на бизнисменот Сеад Кочан.
Барањето за отварање постапка за разрешување е поради нестручно и несовесно постапување на судии од Апелациониот суд во Скопје и на Врховниот суд кои одлучуваа за притворите на двајцата обвинети Горан Грујевски и Никола Бошкоски, кои се во екстрадициски притвор, обвинети во случајот „Тврдина – Таргет“. Покрај Јово Вангеловски, се бара разрешување и за судиите Ристо Катавеновски, Рахилка Стојковска, Џемали Саити и Фаик Арслани.
Судијката на претходна постапка, Даниела Димовска, не го прифати барањето на СЈО за одредување на притвор за Кочан по сите три основи за негово изрекување, ценејќи дека постојат „мали шанси тој да се даде во бегство“. СЈО го обжали решението на Димовска, а Кривичниот совет донесе спротивна одлука, која, пак, делумно беше потврдена и од Апелациониот суд во Скопје.
Кочан повеќе од два месеца беше недостапен за органите на прогнот. Врховниот суд спротивно на законот прифати да расправа за вонредниот правен лек на Јавното обвнителство, иако беше ненадлежно, доставено од јавниот обвинител Ацо Колевски и одлучуваше за притворот на Кочан. Советот за факти ја отвори постапката за случајот со бизнисменот Сеад Кочан по иницијатива на неневладината организација „Зелена лупа“.
В. Маглешов