Симовски: Направивме попис, но последниве четири години немаме вработено ниту еден човек, а напуштија повеќе од 100

Од:

Најголемиот предизвик со кој се соочува Државниот завод за статистика е недостиг на кадар, соопшти денеска директорот Апостол Симовски на одбележувањето на 77 години од постоењето на Заводот, јубилеј кој се поклопи со Денот на статистиката, 1 јуни. Директорот Симовски вели дека предизвикот со недостиг од кадар не е нов и најави дека денес Заводот ќе објави нов сет податоци од ланскиот попис со образовни, економски и карактеристики за попреченост на населението.

„Денеска ни се поклопија работите, не го биравме денот да биде баш денес, за нашиот јубилеј, ќе излезе третиот сет податоци од пописот 2021 година. Сет на податоци кој ќе се однесува на образовните и економските карактеристики на населението и карактеристиките во однос на попреченоста на населението. Мислам дека е сет на податоци кој сите многу долго и многу желно го исчекуваат, податоци кои во суштина ќе ја покажат вистинската состојба во државата со работната сила со степенот на образованието на населението, она што значи образование во тек и уште низа податоци кои ќе дадат многу можности и за анализи и за употреби во реалниот живот“, рече директорот Симовски.

Тој најави дека се работи за огромен сет податоци кои е тешко да се искоментираат во една реченица, но за сите е заедничко тоа што ја отсликуваат реалната слика во државата.

„Она што не треба да нè изненади е тоа што ние не треба да очекуваме дека сме најобразованите, најекономски активното население во светот. Си ги знаеме проблемите со кои се среќаваме, тие се реален одраз на состојбите во државата. Статистиката е тука да ги покаже токму онакви какви што се, не онакви какви што би сакале да бидат. Можеби некогаш ќе бидат на наше задоволство, севкупно, некогаш ќе бидат на наше жалење, но ние мораме да ги објавиме реалните податоци. Апсолутно такви се овие податоци“, вели директорот Симовски.
Предизвикот со нови вработувања вели дека не е нешто што може веднаш да се реши поради природата на работата, за која смета дека е потребна обука од околу две години.

„Нашата институција е дел од администрацијата во државата, но има свои специфики. Потребно е специфично знаење коешто, за жал, не можеме да го стекнеме во образовниот процес што го имаме во државата бидејќи не постои факултет за статистика. Клучното знаење го прибираме со нашето искуство, со работа. Не се станува статистичар од денот на вашето вработување. Ви требаат најмалку година и пол до две да ги стекнете елементарните познавања да можете самостојно да спроведувате истражување. Од друга страна, веќе четири години немаме вработено ниту еден човек во нашиот Завод, а повеќе од 100 лица напуштија. Кој поради пензионирање кој поради тоа што нашол подобри услови за работа, подобри работни места. Ова е клучниот предизвик со кој се среќаваме“, рече директорот Симовски.

Од веќе објавените податоци, кои се само на интернет, Симовски најави дека деновиве ќе дадат во печат пописен атлас во кој сите бројчени податоци ќе бидат претставени како карти, мапи.

До крајот на летото најави дека ќе објават уште еден голем сет податоци, а до крајот на годината ќе објават густина на населението на квадратен километар, карактеристики на населението на квадратен километар, податоци клучни за просторното планирање за урбаните и руралните средини.

Би можело да ве интересира

Директорката на албански ИНСАТ ги отфрли обвинувањата за манипулации со пописните резултати

Апелирам Македонците од Албанија масовно да учествуваат во пописот, порача Мицкоски

А1он

Ревизија на Пописот: Софтверот за дијаспората бил набавен од спонзор за кој не знаеле во министерство за правда

A1on

Васил Стерјовски: Македонците во Албанија се уценети од Софија да се попишат како Бугари

A1on

Македонија има 18.897 неписмени лица, објавен трет сет податоци од пописот

Ана Ололовска

(ВИДЕО) Симовски: Каде беа за пописот тие 132.000 граѓани, наседнаа на убедувањето за бојкот

А1он