Штитениците од Основното училиште за деца со посебни потреби „Иднина“ од Скопје добија нов автобус, кој ќе се користи за нивен транспорт од домовите до училиштето. Автобусот е донација од Ротари Клуб Скопје – Центар, со што во голема мерка ќе се олесни секојдневниот живот на штитенците, а дополнително се овозможува креирање на нови содржини за нив, покрај редовната настава. Автобусот е соодветно опремен и прилагоден за учениците од ПОУ „Иднина“.
„Континуираната поддршка од Ротари Клуб Скопје – Центар е од огромно значење за нас како образовна установа, а посебно за учениците. Со оваа донација значително ќе се подобри и олесни секојдневниот живот на учениците и нивните родители, а истовремено се отвара можност за поголем број планирани активности и дружења надвор од училиштето. Тоа е навистина исклучително, бидејќи досега немавме можности за организација на вонучилишни активности“ – изјави Благојче Невчевски – директор на Посебното Основно Училиште „Иднина“.
Донацијата е во вредност од 115.000 евра, а ова е досега најголема поединечна донација на Ротари Клуб Скопје – Центар. Ова не е прва соработка помеѓу Ротари Клуб Скопје – Центар и ПОУ „Иднина. Во текот на 2011-та година беа донирани средства за реновирање на училиштето со што значително беа подобрени условите за престој и работа.
„Нашите активности ги фокусираме на креирање проекти и поддршка на оние слоеви од општеството на кои тоа им е најпотребно. Тие се дел од нас и наша должност е да создаваме можности за нивно поголемо интегрирање во општеството. Истовремено, мотото на ротаријанците е „Служење над себе си“, па во овој дух сакаме да дадеме поттик и да пренесеме порака дека да помагаме онаму каде што е најпотребно, не е само прашање на добра волја, туку и обврска, бидеќи сите сме дел од заедницата “ – истакна Николче Петкоски, раководител на проектот и иден координатор на сојузот на Ротари клубовите од Македонија.
Ротари Клубот на светско ниво постои повеќе од 110 години, неговите членови бројат 1,2 милиони лидери кои ја делат идејата дека секој човек заслужува да биде среќен и да живее достоинствено. Ротари Клуб Скопје – Центар средствата за донациите ги добива од своите членови и од меѓународната поврзаност помеѓу клубовите.
Ротари како сервис – организација и понатаму продолжува да работи на проекти што се од интерес на заедницата и нејзиниот развој. Истовремено, со своето делување се обидува да влијае на поголемо залагање на бизнис заедницата и нејзино активно вклучување во проекти од заеднички интерес.